Годинава мора да истакнеме дека дури една третина од вкупната селекција се филмови од македонски автори, што на некој начин беше потег што го направивме со цел да бидеме доследни на нашата кауза, промоција на млади македонски автори и на нивните остварувања, велат организаторите

Во пресрет на „Дрим шорт филм фестивал“

Шестото издание на „Дрим шорт филм фестивал“ ќе се одржи од 6 до 9 август, на „Летната сцена“ – центар за култура „Браќа Миладиновци“, во Струга.
Во финалната селекција на фестивалот влегоа 34 филма од целиот свет.
– Годинава мора да истакнеме дека дури една третина од вкупната селекција се филмови од македонски автори, што на некој начин беше потег што го направивме со цел да бидеме доследни на нашата кауза, промоција на млади македонски автори и на нивните остварувања. Програмата е диверзитетна, ни се чини може да задоволи сечиј вкус. Дел од имињата се нашите режисерки Марија Апчевска, Тамара Котевска, а потоа имаме и автори чии филмови беа во официјалната компетиција на Канскиот фестивал, како бразилецот Карлос Сегундо, косовскиот режисер Самир Карахода и многу други успешни автори – споделуваат организаторите на фестивалот.
Годинава, освен компетитивната програма имаат и гостинска програма на Сараевскиот филмски фестивал и на оваа соработка велат се особено горди.
– А она што годинава ќе биде особено интересно е ВР-програмата низ која публиката ќе може да ужива во фантастичниот виртуелен свет на неколку холандски остварувања премиерно прикажувани на Венецискиот филмски фестивал. Преку нив ќе се дружиме и откриваме со Да Винчи, ангелите од Амстердам, кои ќе нѐ водат на патување низ времето, но ќе навлеземе и во светот на една бабичка чие секојдневие ќе се помести по еден невообичаен настан во нејзиниот двор – дополнуваат од фестивалот.
Годинешното мото на фестивалот е „Кула на вечноста“.
– Филмот е уметност во која се врамува и дефинира сегмент од бескрајниот време-простор, новосоздаден свет со совршено оркестрирани приказни и новокреирани луѓе, овековечени во слики во движење, кои остануваат засекогаш во еден формат наречен незаборав. За нас филмот претставува вечност, затоа што животот во филмот и животот на филмот немаат рок на траење. Па така, оваа година намерата ни е да собереме повеќе вечности и од нив да направиме кула, грамадна, магична и несоборлива, кула чија основа започнува во моментот кога филмот го започнал својот живот на големото платно, а нејзиниот врв е некаде во вечноста. Кула од вечности, која создава светови и рефлектира вредности. Кула што ја чува вечноста, но секој е добредојден да влезе и да почне да се качува по спиралните скали што водат до бескрајот и бесмртноста. На ова 6-то фестивалско издание ќе изградиме кула, која ќе биде само почеток на нашата филмска тврдина. Затоа годинава, „Дрим шорт филм фестивал 2022“ ќе се одржи под мотото „Кула од вечности“ – истакнуваат организаторите.
Струшката публика годинава ќе има можност да гледа филмови во четири натпреварувачки категории: студентска, регионална, меѓународна и специјалната програма „Соочување со минатото“.
– Од првата година кога фестивалот доби натпреварувачки карактер, компетитивната програма е поделена во тие четири категории. Ваквата селекција е особено важна за диверзитетот, колоритот на програмата каде што вклучуваме филмови и автори од целиот свет, кои несомнено носат автентични приказни од своето поднебје. Годинава програмата Дарлингс исто така доби компетитивен карактер и публиката ќе има можност да избере победник во оваа категорија изјавуваат од фестивалот.
Како дел од програмата се предвидени дискусии, работилници…
– Во склоп на ова издание предвидена е дискусија на темата „сторителинг“ и најразличните начини на раскажување приказни со сензитивни тематики. Освен дискусијата за која детално ќе објавиме наскоро на нашата веб-страница и социјалните мрежи, ќе се одржи и работилницата „Фаунд реди“, која е дел од Балканската мрежа за краток филм, која е формирана од неодамна со нашите фестивалски партнери од Србија и од Црна Гора. На таа работилница ќе учествуваат 10 млади филмаџии oд Македонија, Србија и од Црна Гора, кои се во процес на развој на своите краткометражни филмови. Ментори на работилницата ќе бидат продуцентката Марија Димитрова и режисерот Ѓорче Ставревски – споделуваат организаторите на „Дрим шорт“.
Фестивалот ќе се одржи по шести пат и нивната мисија не застанува овде.
– Мораме да признаеме дека минатата година беше едно од најуспешните изданија на „Дрим шорт“ и во однос на програма и во однос на посетеноста, но иако бележиме прогрес и еволуција на едно колективно ниво на темата,,краток филм“ сметам дека тоа се случува многу бавно. Публиката во Струга треба да ја навикнуваме секоја година одново на краток филм, но и општо на културен настан, бидејќи, за жал, сѐ што се случува е само ад хок програма, а во текот на годината градот небаре хибернира. Нашата кауза од првото издание беше да го разбудиме градот преку 365 дена и, еве, полека се движат работите, но уште не сме ја извојувале таа победа целосно. Се надевам „Дрим шорт“ ќе остане моторот за придвижување и мотивирање на колективот во Струга, кој ја води оваа борба – велат од „Дрим шорт филм фестивал 2022“.