Сликовницата „Невидливата куќа“ на Билјана С. Црвенковска, со илустрации на Ване Костуранов, деновиве е објавена на германски јазик, во издание на „Драгонфлај ферлаг“, дел од групацијата „Харпер Колинс“.
„Невидливата куќа“, првпат објавена од издаваштвото „Чудна шума“, е сликовница наменета и за децата, но и за возрасните. Нејзината исклучително важна и актуелна тема – миграцијата и животот на децата што остануваат без своите домови, особено изразена со војната во Украина, нејзината емотивна и поетична приказна и исклучителните илустрации на Костуранов, ги препознаа повеќе издавачи во Европа.
Сликовницата наскоро треба да биде објавена и во Словенија, во издание на „Содобност интернешнал“, и во Хрватска, во издание на „Ибис графика“.
Сликовницата ја раскажува приказната за малечката Кала, која е принудена набрзина да го напушти својот дом. Таа заминува со родителите на долго, истоштувачко и застрашувачко патување без крај. Кала не разбира што се случува, освен што ги наслушува неубавите зборови што ги шепотат возрасните. Но она што го знае е дека ѝ недостига нејзината куќа, заедно со баба, дедо и омилената играчка – зајачето.
Во пресрет на германското издание на „Невидливата куќа“, германската писателка за деца и млади Изабел Абеди ќе каже: „Постојат книги што содржат многу повеќе од приказна. Ова е една од нив. Таа го покажува она што е неуништливо, она што не може да биде изгубено сѐ додека постоиме“.
„Невидливата куќа“ ја освои првата награда за најдобра книга за деца и млади меѓу два саема на книга во 2021 година – признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.