Можности има многу, но најдобро е кога во активностите учествуваат и родителите

Катче за креативни родители

„Мамо што е тоа распуст“, е прашањето што ми го постави мојот син кога беше прваче, во последните два месеца од учебната година. И не бевме единствени. Драгите родители од класот имаа слични искуства. Во градинката децата немаат формален распуст и првпат доживуваат такво нешто. Но само што научија што значи распуст, дека тоа е период без училишни обврски, во кој може да се спие до подоцна и да се игра до бесконечност, половината од избројаните денови се потрошија.
Затоа, добро е што повеќе да се потрудиме овој пат да им го направиме остатокот од распустот на нашите деца незаборавен. Можности има многу, но најдобро е кога во активностите учествуваат и родителите или поширокото семејство. Притоа е добро да се направи баланс меѓу забавните содржини и активностите од кои децата може да научат нешто повеќе. Пред сѐ оние најмалите, кои годинава завршиле или ќе тргнат во прво одделение.

Следете ги интересите на детето

Сѐ што треба е да се следат интересите што се покажуваат, на пример, во гледањето цртани филмови, во игрите, во градењето со коцки итн. Децата им
се воодушевуваат на замоците, тогаш прошетката до најблиската тврдина би била одлична идеја.
Спортот и активностите на вода секогаш се важни. Возењето велосипед, играњето фудбал или кошарка, посета на базен или на воден парк, каде што
детето ќе се забавува. Ќе го усоврши пливањето и ќе шири пријателства.
За некои активности што ги обожаваат децата, родителите се крајно поделени, едни целосно ги одобруваат, а други се строго против. Такво е на пример, играњето со земја. Треба да им дозволиме на нашите деца барем еднаш во неделата да го имаат тоа задоволство, да бидат градители, да ги направат најубавите куќи со кал или да ги ископаат најдлабоките дупки во песокот. А на крајот, може да се измијат во борба со пиштоли на вода. На детската радост и смеа ќе им нема крај.

Читање на лектирите

Во топлите пладневни часови не е препорачливо да се излегува, па може времето да се искористи за читање на лектирите за на училиште, секако, со наша помош.
Како и да се искористат преостанатите денови од распустот, важно е детето да се одмори и физички и психички, и тоа со активен одмор во кој се споени: опуштањето, забавата, но и бегањето од секојдневните обврски. Добро исполнетиот распуст ќе му даде на детето многу енергија за претстојните училишни денови и многу приказни за раскажување на другарчињата.

М-р Катерина Спасовска-Трпковска, новинарка и педагог


Сончева везба

Се кроти рака во рака
насмевки денот го златат,
се ројат желби ко птици
згрнати в сончеви јата.

Се топат срца во копнеж
волшебен предел ги мами,
деца а чиниш бели
лебеди в езеро сами.

Се ткае сончева везба –
украс на денот летен.
Детството ѓердан е нежен
од топли трепети сплетен.

Се всели око во око
бранче со бранче се гушка.
Две птици сами што беа
сега си најдоа друшка

Перо Миленкоски (Од книгата „Сончев дворец“)