Како заврши Малчанскиот Бербер, еден од најмонструозните ликови од српското правосудство

Нинослав Јовановиќ ќе остане запаметен како еден од најмонструозните ликови во српското правосудство. Пред да го киднапира и злоупотребува 12-годишното девојче, поради што беше уапсен, тој одлежал 12 години затвор поради силување и обид за силување на две малолетнички, дела што исто така ги извршил откако бил пуштен од претходна затворска казна

Србија

Озлогласениот Нинослав Јовановиќ (49), алијас Малчанскиот Бербер, кој прекарот го добил поради болниот обичај на своите жртви да им ја стриже косата пред да ги нападне, пред неколку дена беше погребан на местото што му било последно засолниште пред да биде уапсен, во селото Малча. Тој се криел на селските гробишта, каде што на 5 јануари 2020 година го пронајде и го уапси полицијата, за да го изведе пред лицето на правдата за киднапирање и злоупотреба на 12-годишно девојче. На неговиот погреб, едвај присуствувале петнаесетина лица, меѓу кои биле родителите, роднини и соселани.

НА ЖРТВИТЕ ИМ ЈА СТРИЖЕЛ КОСАТА

„Не му дадовте мир додека беше жив, оставете го на мира сега кога е мртов“, со овие зборови на новинарите им се обрати неговата мајка на погребот на нејзиниот син.
Дел од неговите соседи, и покрај доживотниот затвор на кој беше осуден поради злосторството кое го направи, го бранеа Нинослав.
– За нас во селото, тој беше добар, никогаш ништо лошо не ни направил. Што правел на страна не знаеме – изјавиле за српските медиуми неговите соселани.
Серискиот силувач почина од срцев удар ноќта помеѓу четвртокот и петокот минатата недела. Во август 2021 година беше правосилно осуден на доживотен затвор, со што стана првиот човек во Србија кому, поради тежината на злосторството што го направи, му беше изречена највисоката казна пропишана во Кривичниот законик. Тој починал во собата каде што ја издржувал затворската казна, каде што и му била дадена итна медицинска помош, но откако немало подобрување на здравствената состојба, итно бил пренесен во болница, каде што набргу починал.
Злосторството за кое се товари „берберот“ се случило на 20 декември 2019 година, во нишката населба Брз Брод, кога тој киднапирал 12-годишно девојче што одело на училиште. Тој со возило застанал до девојчето и го повикал да влезе во автомобилот. Кога тоа му рекло дека се плаши, се претставил како Бојан од Ниш и рекол дека работи како електричар во нејзиното училиште. Девојчето се прелажало, влегло во возилото и тука почнал кошмарот.
Девет дена најсурово ја малтретирал малолетничката и успешно се криел од потрагата на полицијата, во која беа вклучени војската и голем број граѓани. Дури по девет дена, девојчето било пронајдено во напуштена викенд-куќа во селото Пасјача, а „берберот“ уште дополнителни неколку дена успешно ѝ се криел на полицијата.

ПОРАДИ ГЛАД Ѝ ПАДНАЛ ВО РАЦЕ НА ПОЛИЦИЈАТА

Главната причина поради која тој бил уапсен од страна на полицијата е гладот. „Берберот“ бил гладен, па заминал во своето село за да најде храна. Бидејќи на големо траела потрагата по него, соседите веднаш го забележале Нинослав. Во една од куќите тој ја поминал ноќта, по што соседите се јавиле во полиција, а тој почнал да бега. Во обид да се скрие и да избега кај селските гробишта ѝ паднал во раце на полицијата.
„Берберот“ имал повреди на лицето, кои веројатно ги добил додека се обидувал да избега од лицето на правдата. Погледот ми бил избезумен, целиот бил во кал, со порасната брада и избледена валкана јакна.
За време на судскиот процес тој не покажал никакви знаци на каење и се служел со сите можни средства за да ја избегне казната, вклучувајќи и многубројни барања за изземање од одговорност поради проблеми со психичката состојба. Но судот не ги прифатил неговите аргументи.
Јовановиќ ќе остане запаметен како еден од најмонструозните престапници на балканските простори. Пред да го киднапира девојчето, тој одлежал 12 години затвор поради силување и обид за силување на две малолетнички, дела што исто така ги извршил откако бил пуштен од претходна затворска казна.
Неговото семејство се обидело да изнајде оправдување, тврдејќи дека е психијатарски случај, но вештачењата не дале наоди дека „берберот“ пати од некаква психичка состојба што би влијаела на неговата пресметливост.

[email protected]