Македонија и Словачка играа меѓу себе во квалификациите за ЕП 2022 и за СП 2023 (три победи на Македонија и една на Словачка), со Норвешка црвено-жолтите се сретнаа во квалификациите за ЕП 1997 (една победа), а со Данска во циклусот за пласман на ЕП 2015 (две победи). Четирите селекции се во групата Д од претквалификациите, а само првопласираната ќе игра во квалификациите за ЕП 2025
КОШАРКА
Данска и Норвешка, покрај од претходно одредената Словачка, се ривалите на македонската кошаркарска репрезентација во претквалификациите за пласман во квалификациите за играње на Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Кипар, Летонија и во Финска. Така реши ждрепката влечена во Минхен (Германија), а можни противници беа и селекциите на Австрија и на Романија меѓу победниците на групите во првиот циклус претквалификации, како и репрезентациите на Кипар и на Швајцарија од селекциите што не беа на првите места во своите групи.
Претквалификациите треба да се играат во август и во ноември годинава и во февруари в година. Победникот од секоја од трите групи ќе игра во квалификациите за ЕП 2025, заедно со Кипар, кој автоматски се квалификува како еден од кодомаќините на континенталниот шампионат. Преостанатите осум репрезентации ќе имаат уште една шанса за влез во квалификациите за ЕП 2025, откако заедно со четирите селекции елиминирани во првата фаза од претквалификациите ќе играат во третиот циклус претквалификации, од каде што, пак, четирите најдобри ќе играат во квалификациите, каде што вкупно треба да настапат 32 репрезентации, а на ЕП 2025 треба да играат 24.
Македонија и Словачка третпат ќе се сретнат во циклус за пласман на големо натпреварување, откако играа меѓу себе за ЕП 2022 и за Светското првенство (СП) во 2023 година (досега три победи на Македонија и една на Словачка). Црвено-жолтите со Норвешка играле во квалификациите за ЕП 1997 (една победа), а со Данска во квалификациите за ЕП 2015 (две победи).
– Словачка ни е многу добро познат противник, бидејќи и во претходните претквалификации игравме со неа и имаме позитивен биланс. За Норвешка и за Данска немам многу информации, но како што ќе доаѓаат натпреварите, ќе се подготвуваме за нив и ќе ги анализираме. Единствено посакувам комплетни да ги дочекаме дуелите што претстојат. Во таков случај верувам во позитивен исход и пласман во главните квалификации – вели репрезентативецот Бојан Крстевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија на својата интернет-страница.
Репрезентациите на Норвешка и на Данска играа во иста група во првите претквалификации за ЕП 2025, Данска победи на двете средби (84-68 дома и 64-62 на гости).
Од ривалите во претквалификациите, Словачка и Норвешка не играле на ЕП, а Данска настапила на три континентални првенства од 1951 до 1955 година (14, 16 и 18-то место). Македонија, пак, има пет настапи на ЕП (најдобар пласман е четвртото место на ЕП 2011).
ПРЕТХОДНИ МЕЧЕВИ
ДУЕЛ РЕЗ. КВАЛИФ.
Македонија – Норвешка 99-79 ЕП 1997
Данска – Македонија 75-81 ЕП 2015
Македонија – Данска 80-46 ЕП 2015
Словачка – Македонија 66-74 ЕП 2022
Македонија – Словачка 87-74 ЕП 2022
Словачка – Македонија 47-69 СП 2023
Македонија – Словачка 72-88 СП 2023
СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
Група Д: Македонија, Словачка, Данска, Норвешка
Група Е: Полска, Швајцарија, Австрија, Хрватска
Група Ф: Кипар, Романија, Португалија, Бугарија