ВО РАМКИТЕ НА ПЕТТАТА ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА
Во рамките на Петтата демирхисарска летна школа, археолошката секција составена од Емилија Трајковска, Кирил Ангеловски, Милко Тренчевски и Антонио Стојановски ги посети локалитетите во месноста на селото Журче. При првата посетата беа рекогносцирани три локалитети од кои два веќе се заведени во „Археолошката карта на Република Македонија“, а еден од нив беше откриен во текот на ова истражување. Беа пронајдени фрагментирана керамика и остатоци од градежен материјал.
Во текот на археолошката експедиција беа посетени три локалитети заведени во „Археолошката карта на Република Македонија“, при што беше потврдено постоењето на трите локалитети, но, за жал, со многу малку керамички остатоци. Со ова активност завршија истражувањата во месноста на селата Журче и Сладуево, и беше утврдено дека има постоење на еден долговечен и континуиран културен развој на овие предели од доцната антика, па сѐ до ден-денеска.
Во рамките на летната школа, д-р Анита Ангелевска одржа предавање на темата „Словото за св. Јован од св. Климент Охридски“. Дополнително, студентите од археолошката секција презентираа теми од основите на археологијата, односно, нумизматиката.
Во просториите на манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче се одржа циклус предавања на темата „Дигиталниот архив на Слепченската ракописна ризница“ од монахињата Екатерина.
Беа изложени фрагменти од дигиталниот архив на манастирот Слепче и краток осврт на најстарите зачувани Слепченски ракописи. Се проговори и за нивните јазични и палеографски особености, како и за начинот на нивното отуѓување од манастирот и патот до странските библиотеки.
Во домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар се одржа Хрватско-македонска фолклорна вечер, на која настапија КУД „Гата“ и КУД „7 Каштели“ од Далмација, Република Хрватска, и КУД „Илинден“ од Демир Хисар. Д.Ст.