Македонија пак е на врвот на Европа. Репрезентацијата на Македонија во е-спорт е европски првак во „Кантер страјк: глобал офенсив“. За понеупатените, е-спорт е комбинација на електроника и спорт, со користење електронски уреди како платформа за натпреварување и употреба на електронски системи, беспилотни возила, дронови, роботи, симулатори, ВР/АР и која било друга електронска платформа. Станува збор за најбрзорастечки спорт во светот што го следат над две милијарди луѓе
Македонија пак е на врвот на Европа. Репрезентацијата на Македонија во е-спорт е европски првак во „Кантер страјк: глобал офенсив“. Лани во ноември Македонија ја освои и светската титула. Во оваа пригода треба да се спомнат и да им се честита на членовите на шампионскиот тим на Македонија, Јане Апостоловски, Дамјан Стоилковски, Даниел Глигоров, Павле Стојановски и Александар Ќулуковски. Да се биде најдобар на европско ниво е навистина успех вреден за почит. Особено сега во овие времиња-невремиња кога токму од Европа доаѓаат некакви недостојни, уценувачки, антиевропски и антицивилизациски предлози, кои божем ќе ни ја подотворат вратата на Европа. Од друга страна, ваквите успеси на Македонија само покажуваат дека во многу нешта сме дури и пред Европа и подобри од неа.
За понеупатените, е-спорт е комбинација на електроника и спорт, со користење електронски уреди како платформа за натпреварување и употреба на електронски системи, беспилотни возила, дронови, роботи, симулатори, ВР/АР и која било друга електронска платформа. Станува збор за најбрзорастечки спорт во светот што го следат над две милијарди луѓе и со 220 милиони инволвирани, објаснува федерацијата на Македонија во е-спорт на интернет-страницата, која од јануари годинава е дел од официјалните национални спортски федерации во Македонија.
Македонија уште еднаш покажа дека поседува ум и знаење, дека може и знае да победува, овој пат во е-спорт, и оти нема зошто, во ниту еден сегмент, во европски, па и во светски рамки, да се чувствува инфериорно. Македонија имала и има врвни спортист(к)и, освојувачи на медали на многу големи настани, од летни олимписки игри, до светски и европски првенства, светски купови и турнири. Лани фудбалската репрезентација за првпат настапи на завршен турнир на европско првенство, во квалификациите за Светското првенство годинава во Катар ја совлада Германија, во баражот пак беше елиминирана Италија, гиганти во европскиот и светски фудбал, со голем број титули, и тоа на гости. Кошаркарите и ракометарите беа меѓу најдобрите на некои од минатите европски првенства, ракометарките на Кометал Ѓорче Петров и ракометарите на Вардар беа европски шампиони. Долга е листата на македонски спортист(к)и освојувачи на медали што ја израдуваа нацијата и заслужуваат респект во секој поглед.
Но не е само спортот со кој Македонија може и треба да се гордее. Уметниците од сите профили исто така заслужуваат должно внимание. Еден од нив е пијанистот Симон Трпчевски, светски познато име, кој насекаде, во секоја пригода, потенцира дека е Македонец и дека неговата земја е Македонија. Тука се и прекрасните песни, нанадминатите ора. Културното и секое друго богатство на Македонија е толку големо, па понекогаш и самите не сме свесни што и колку вреди(ме). Може долго да се набројува, но поврзаноста и влијанието на Македонија врз европската и светската цивилизација е огромно, било да станува збор за Филип и Александар Македонски, Македонија, словенските просветители Кирил и Методи, Климент и Наум Охридски, кои ја донесоа писменоста во Европа, богатото културно и историско наследство, манастирите од 12 и 13 век, од пред ренесансата, фреските и иконите, езерата, планините, реките…
Но историјата не била милослива кон Македонија, која честопати била потценувана, толчена, делена и парчена во секоја можна пригода. И најновите збиднувања во Македонија на политички план одат во таа насока. Непристојниот таканаречен француски предлог за пристапни преговори за влез во Европската Унија, со кој се бара Македонците да се откажат од јазикот, идентитетот, историјата, практично да се самопоништиме, ги зовре страстите кај граѓаните, кои се кренаа на нозе.
Македонскиот народ се крена против асимилаторските и антиевропски политики и предлози. За да покаже и докаже дека македонскиот народ не е некаква аморфна маса што кој како сака може да ја моделира и обликува по своја желба, туку дека македонскиот народ има свои длабоки корени, вековни традиции, свој континуитет, свое минато и иднина.
Македонскиот народ се крена и да го покаже својот непокор на притисоците и уцените што доаѓаат од Европа. Во секое жито има и какол, вели народот, па веројатно така треба да се сфатат и обидите на некои политичари трескавично и по секоја цена да нѐ внесат во Европа, небаре географски сме поблиску до Северниот Пол.
Ние практично одамна сме Европа. Како што посочивме и претходно низ примери, во многу нешта сме и подобри и поуспешни од Европа. Сакаме да се натпреваруваме, но и да победуваме во Европа. Но само со ферплеј, а никако со уцени и притисоци.
Та нели Македонија и онака е дел од Европа, и тоа од дамнешни времиња. Зар ѝ треба некаква административна дозвола од некои од Европа, која и не е демократска и прогресивна Европа како што сака да се претставува. Таа Европа толерира обезличување на Македонија на притисок од Бугарија, која сака да ја прекрои историјата на овие простори и која сака самата од фашистички окупатор во периодот на Втората светска војна да се претвори во администратор, славните ликови од македонското минатото прекуноќ да ги направи Бугари, а македонските востанија да станат заеднички! Кому му е потребно тоа?
На Македонија, сигурно не.
Можеби сме мали според бројот на жители или според европските плати, но големи сме според некои други параметри и на тоа треба сите да сме горди, никако инфериорни. Зашто да се витка кичмата, да се прифаќаат секакви небулози, уцени и притисоци на своја штета? Не секогаш се најбитни големината и бројноста на нацијата, како и во легендата за Давид и Голијат. Битни се и луѓето, индивидуалците што ги поместуваат границите и оставаат нешто вредно зад себе, на својот народ и на сите други. А такви горди, непокорни и силни Македонци, Македонија имала отсекогаш и ќе ги има и во иднина. Таква Македонија ѝ треба и на Европа.