Жителите на Тетово неколку дена на почетокот на октомври се соочуваа со променет мирис и вкус на водата кои потоа не беа забележливи. Испитувањата и анализите на Центарот за јавно здравје покажаа дека нема никакви физичко-хемиски или бактериолошки пореметувања. Во меѓувреме жителите продолжуваат да се соочуваат и со повремени прекини во водоснабдувањето.
Иако мерењата покажуваат дека вода од изворите има доволно, од Регионалната единица Водовод и канализација велат дека поради дефектите на старата и веќе дотраена водоводна мрежа често се случуваат прекини во водоснабдувањето во некои населби.
Тетово перидов се снабдува со 350 литри вода во секунда од изворите на Шара, што според раководителот на Регионалната единица Водовод и канализација, Самедин Абедини, преставува доволна количина за секој дом во градот да има вода за пиење. Тој вели дека нема рестрикции, туку прекините во водоснабдувањето во некои населби се поради честите дефекти.
-Во моментот има доволни 350 литри во текот на 24 часа па нема ни дневни ни ноќни реструикциии. Овој период нема злоупотреба за наводнување на бавчи па затоа сметаме дека има доволно. Сега зависи и од атмосферските оприлики. Реално би било доволно да се троши и под 300 да се троши од 280 до 300 литри вода во секунда. И загубите се присутни кои не се гледаат, во кој било систем во кој било град само зависи колкави од 30 до 50 отсто. Тешко е да се дефинира за Тетово, но според наши проценки тоа е 40 отсто, изјави Самедин Абедини, раководител на единица за водовод и канализација при ЈКП Тетово.
Од Регионалната единица Водовод и канализација велат дека дневно во просек имаат по 2 до 3 дефекти. Обично прекинот во водоснабдувањето трае неколку часа, во зависност од видот на оштетувањето на водоводната мрежа.
-Ние секојдневено сме активни на терен. Во просек има два до три дефекти на разни позиции во градот. Тоа е резултат на одредени време кога граѓаните немаат вода. Во принцип нашите интервенции траат од 2 до 4 часа, вели Абедини.
Делови од градската водоводна мрежа е стара повеќе од половина век.
А.С.