Премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница посочи дека пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој не го именуваше, вчера ја снимал пратеничката Снежана Калеска – Ванчева на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Ова го кажа на седницата за пратенички прашања, од каде што постави прашање и што ќе и прави на снимката.
– Кревањето тензии не одговара на никого. Свесен е народот за деструкцијата која произлегува единствено во опозицијата. Само снимките ако се погледнат од вчерашниот ден, на кои претседателката на Законодавно-правната комисија од пратеник, кој во моментов ми се смее, со мобилен телефон ја снима на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Не знам што ќе ѝ прави на таа снимка – кажа Ковачевски.
Расправата во салата била тензична дотаму што, пратеникот Бајрам Кадрија од ДУИ го држи и штити микрофонот на кој зборува Калеска-Ванчева, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да го исклучат за да не се прогласи крај на седницата, бидејќи според нив, таа не била ниту започната.