Промени мора да има. Оваа битка ја водам и за вас и за вашата поддршка секојдневно копнеам. Поддршката ќе заврши со промената на оваа власт, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на саботниот протест пред Владата, кој се одржа под мотото „Премногу е“.
Тука сме собрани оваа вечер илјадници, со име, со чест, со гордост и волја, која мора да донесе промени. Од денеска, па натаму вашиот глас ќе татни низ градовите и селата на Македонија. Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата што ни припаѓа – рече Мицкоски и додаде дека вечерва се случува народ.
Порача дека народот секојдневно осиромашува поради неодговорната власт.
Власта удри по стандардот, по земјоделството, по економијата… по сѐ. Булеварите секојдневно се полнат со луѓе што просат затоа што загубиле речиси сѐ. Гладот не знае за вера или нација. Реалноста е тешка и мачна. Денеска сум овде пред вас и ветувам дека нема да разочарам. Тие ги имаат институциите, а јас заедно со вас го имам народот – им порача Мицкоски на присутните.
Од најголемата опозициска партија вчера порачаа дека доколку нема договор за избори оваа лето, активната блокада ќе премине во целосна блокада.
Тоа ќе биде целосна блокада на Собранието, на институциите, на патиштата, протести низ градовите. Нема време за чекање, зашто ако се чека, кризата ќе биде уште поголема. ВМРО-ДПМНЕ почнува со протестно лето – истакна Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.