Кривичниот совет на Основниот суд во Битола го пушти пејачот Ламбе Алабаковски, да се брани од слобода, а како мерка на претпазливост му е одземена патната исправа. Ваква одлука донесол Кривичниот совет на основниот суд во Битола, изјави
бранителот на Ламбе Алабаковски, Дарко Стефановски.
На Алабаковски првично му беше одреден притвор од 8 дена, но потоа заменет со домашен притвор. Во меѓувреме во Битола се одржа протест на кој се бараше пејачот да биде пуштен на слобода.
Тој е осомничен за подметнување на пожарот во Културниот центар „Ванчо
Михајлов“ во Битола, а според полицијата го признал делото.
Пожарот Ламбе Алабаковски го подметна на 4 јуни, во раните утрински часови кога Алабаковски со бензин го запали влезот на културниот центар по што изгоре влезната врата на објектот.
Полицијата го откри потпалувачот три дена по настанот, а судија на претходна постапка му одреди 8 дневен притвор, кој беше заменет со куќен притвор, со образложение дека постои можност за бeгство затоа што пејачот покрај македонско има
државјанство на САД, каде што живееше неколку години. М.М.