Низ страниците на македонската литература за деца:
од книгата „Децата од моето училиште“ на Јадранка Клисарова

Никогаш од мислите не ми излегува сликата од моето училиште. Посебен белег оставија деновите по неговото реновирање. Последен пат бев во него во јуни, кога ги зедовме свидетелствата за завршено трето одделение. На почетокот од новата учебна година пристигнав пред училиштето, сѐ ми беше ново. Љубопитно се загледував во секој дел од дворот и во разубавениот влез во училиштето. Сѐ беше убаво, сѐ беше поразлично, насекаде имаше убави свежи бои, сѐ мирисаше на ново. Се зачудив кога кај влезот забележав необична патека. Посакав да тргнам по неа како многу мои другарчиња, но некоја рака ме допре и тивко ми рече:

– Мислам дека е подобро да го оставиш просторот за кого е наменет! Верувам дека и другите треба да имаат свое место! – тивко ми зборуваше една жена. Се свртев добро да ја видам, таа исправено се движеше и се трудеше со едната рака да направи место за една количка. Верувајте, тоа не беше обична, туку инвалидска количка. Уште еднаш се свртев подобро да видам, во количката седеше девојче на мои години. На лицето на ученичката се наѕираше несигурност, а русите локнички се слеваа по нејзините раменици. Веднаш се поместив да направам пат, се чувствував непријатно, зашто не бев доволно внимателна. Им се насмевнав на девојчето и на мајката и им покажав со раката:
– Повелете, повелете! Се извинувам, не ве видов. Сите се туркаат, сакаат побрзо да стигнат во училницата.

 

Со поглед ги следев движењата на мајката, која со напор ја туркаше количката, во која седеше нејзината ќерка. Потоа побрзав да стигнам во училницата, не сакав да дознам уште на првиот час. Секој бараше другарче со кое ќе седи во клупата. Јас веќе немав време да пронајдам со кого ќе седам, едноставно седнав на првото слободно столче. Се огласи училишното ѕвонче и за неколку мига на вратата се појави наставничката, а зад неа мајката и девојчето од училишниот двор. Наставничката рече:

– Добар ден дечиња! Да ѝ посакаме добредојде на новата ученичка!
Се слушна хорско „Добре дојде“ – гласот се разлеваше низ училницата и сите погледи беа вперени кон новата ученичка.
– Ова е Јована! Досега таа ги совладуваше училишните градива од дома заедно со својата мајка. Не можеше редовно да посетува настава, затоа што беше спречена, поради нејзината здравствена состојба. Но сега веќе се направени пристапни рампи за влез во училиштето. Така, Јована ќе може редовно да доаѓа на училиште и да учи заедно со вас. Таа можеби навидум ви изгледа различно, но едно да запомните: таа е иста со вас! – рече наставничката.

Сите почнаа да потврдуваат со главите. Се гледаа и подадени раце, секој сакаше да ја прифати Јована. Од тој ден почнавме сите да ѝ помагаме на Јована во училницата, во училишниот двор, во холот… Едноставно таа стана дел до нас. Со своето мило лице, со својата едноставност и трдољубивост нѐ освои сите.
Денес сите сме среќни што знаеме како да живееме и да се почитуваме, „едноставно различни, а сепак исти“.


За авторката

Јадранка Клисарова (59) е вработена како професорка по одделенска настава во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено повеќе книги за деца и возрасни. Романот „Јато“ (2004), збирката раскази за деца „Ѕвездено јато“ (2009), сликовниците за деца „Новогодишен подарок“ и „Ѕвезда во ноќта“ (2009), романот за возрасни „Амајлија“ (2012), збирката „Децата од моето училиште“ (2015), книгите со раскази „Децата од моето училиште“ (2015), „Безбеден детски свет“ (2017), детскиот илустриран роман „Традицијата низ перото на баба“ (2018) и стихозбирката „Песни за секое дете“ (2019 г.).

Авторка е и на учебници по македонски јазик за ученици што следат настава на српски јазик во соседна Србија.
Како просветен работник несебично се залага за подем на образованието и на педагошката наука. Добитничка е на голем број награди, а во 2019 г. ја доби и титулата најдобар наставник во земјите на некогашна Југославија. Во 2017 година Клисарова ја доби и наградата „13 Ноември“ во областа на образованието и воспитанието.