По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, универзитетската библиотека „Гоце Делчев“, Штип, распиша конкурс на темата „Мојот град“. Комисијата, во состав: Жаклина Петрушева, претседателка, и членовите Ирена Јорданова, Драган Ѓоргиев и Милена Ристова-Михајловска, избра по тројца најуспешни учесници, во три категории.
Првото место во категоријата од прво до петто одделение го освои Нина Голубова од ООУ „Димитар Влахов“, петто одделение, со менторката Гордана Тилева.
Во категоријата од шесто до деветто одделение најдобар е Андреј Стојанов од ООУ „Гоце Делчев“, со менторката Елизабета Огнанова.
Во третата категорија – средношколци, победничка е Милена Милорадова од СОУ „Јане Сандански“, втора година, со менторката Валентина Бочварска.
Во продолжение ги објавуваме двете првонаградени песни од првата и од втората категорија.
Мојот град
Секој што го посетил Штип и стар и млад
кого и да прашате, знае Штип е златен град.
Спие на Исток под Исарот, мојот роден крај
со сите негови убавини поубав е од рај.
Кој во Штип не бил многу пропуштил:
да се качи на камената тврдина,
да прошета во парк или на кеј,
да сврати во театар или во музеј.
Да го допре сонцето од тврдината,
да се опие од мирисот на цвеќињата,
да се поздрави со ветерот силен,
да му биде секому град омилен.
Намини пријателе барем на час,
убави луѓе со широко срце има кај нас.
Мал си, о роден граду мој!
Но ти си мој,
а јас ќе бидам засекогаш твој!
Најтопол дом
Во твојата прегратка потонувам в сон,
ти си мојот најтопол дом,
а наутро, пак ме будиш со светол сјај,
поубав нема од мојот роден крај.
Силна љубов в срце ми гори,
за тебе само душава ми збори,
копнеж рие кога далечината нѐ дели.
– Врати се назад! – срцето ми вели.
Во тебе се родив и имав чекор прв,
јас сум твојата рожба, твоја крв,
овде детството среќно го минувам,
со силата твоја во животот се вивнувам.
Граду мој, твојот пат не бил лесен
иако те красел народ чесен,
си минал низ војни, плач и мака,
поробуван од туѓа, непријателска рака.
Но, твојот отпор низ времиња стари,
слобода денес мене ми дари,
а историските споменици остануваат
за твоето минато да зборуваат.
Денес си град со традиција и култура,
со познати дејци во македонската
литература,
центар на Истокот, град со универзитет
и со многу фабрики што нудат квалитет.
Те красат и мостови и две бистри реки,
зелени паркови, дрвореди со смреки,
на твоите убавини им нема број,
остани вечен, роден граду мој.