Фото: Твитер/НАТО

Финска и Шведска нема да бидат примени во НАТО на следниот самит на Алијансата, кон крајот на јуни во Мадрид.

Како што објасни полскиот заменик-министер за надворешни работи Павел Јаблонски, секоја од земјите што сакаат да станат членки на НАТО мора прво да спроведе одредени реформи за да ги достигне стандардите што ги бара Алијансата.

– Мислам дека Мадрид е премногу рано. Ако зборуваме за прием на нови членки во НАТО, тоа е долг процес кој бара процеси во самите земји. Тоа не е ниту толку лесно, ниту толку брзо, а ќе бидат потребни најмалку неколку месеци – изјави Јаблонски за полското радио РМФ ФМ.

Според него, Турција, која се противи на членството на Финска и Шведска, на крајот ќе се согласи и нема да го блокира процесот.

Шведска и Финска официјално аплицираа за членство во НАТО на 18 мај, со што ја напуштија својата повеќедецениска позиција на воено неутрални земји.

За тие две земји да станат полноправни членки на НАТО, потребно е својот глас да го дадат сите 30 земји кои ја сочинуваат алијансата. Но, Турција веднаш соопшти дека нема да гласа за прием на Финска и Шведска, а во првата постапка на нивниот прием дури и го блокираше тој процес.

Според медиумите, сега се врши голем притисок врз двете земји да попуштат пред барањата на Анкара, а во тек се подготовки за официјални разговори меѓу Финска, Шведска и Турција.