Писмо од Брисел, слики од Белгија

Светската криза не ја одмина ниту Белгија, а како показател може да послужи инфлацијата, која од месец на месец се зголемува. Во април 2022 година, таа изнесуваше 8,97 отсто. Енергијата останува главниот виновник за таквата состојба, но важен придонес има и храната.

Пораснаа кириите, поскапеа услугите во рестораните и кафулињата, млечните производи, автомобилите, алкохолните пијалаци…

Постоеја прогнози дека инфлацијата ќе го достигне својот врв во април, но тие не се остварија. За разлика од април, во мај повторно се зголемија трошоците, според белгиските официјални служби. Иако изминатиот месец видовме мало поевтинување кај природниот гас, кој е овде еден од главните енергенти, сепак, неговата цена е за 130 отсто повисока од пред една година. Струјата за една година поскапе за 54 отсто. Исто така и храната поскапува. Инфлацијата на храната овој месец изнесува 6,32 отсто, наспроти 5,09 отсто еден месец претходно. Цената на лебот, која во ноември беше повисока за 1,7 отсто, сега се искачи на 11,8 отсто. Маслата за јадење се за 26,5 отсто поскапи во споредба со лани. Цената на последниве два производа расте како резултат на војната во Украина, која се одрази и врз набавката на пченица и на сончогледово масло.
Покрај енергијата и храната, во мај нагло пораснаа и кириите на куќите. Поскапеа и рестораните и кафулињата, како и млечните производи, автомобилите и алкохолните пијалаци.

Систем на автоматска индексација на плати во согласност со стапката на инфлација

Инфлацијата во Белгија, според усогласената дефиниција на Унијата, изнесува 9,9 отсто.
Но она што е специфика за оваа држава е дека има систем на автоматска индексација на плати, кои ги зголемува во согласност со стапката на инфлација. Платата на вработените секоја година се зголемува по малку поради индексацијата и тоа не го сметаат како покачување врз основа на постигнување или унапредување, туку покачување врз основа на инфлацијата.
Белгија е една специфична земја во оваа смисла затоа што има систем на автоматска индексација на платите. Ако инфлацијата е слична со онаа на соседите и ако таа е релативно издржлива, тогаш платите се зголемуваат во согласност со стапката на инфлација. Но доколку таа брзо се искачува, тогаш системот има проблем во калкулацијата при адаптација на платите, зашто не е докрај дефинирано кој го плаќа крајниот износ.

Лорета Трајкоска специјално за „Нова Македонија“