Фото: Игор Бансколиев

Од среда до 14 јуни следуваат мечевите во Лигата на нациите (четири кола), квалификациите за СП 2022 (треба да бидат познати уште три учесници на Мундијалот) и т.н. финалисима, помеѓу европскиот првак Италија и шампионот на Јужна Америка, Аргентина, во Лондон

ФУДБАЛ – ОТКАКО СЕ ЗАОКРУЖИ КЛУПСКАТА СЕЗОНА

По заокружувањето на европската клупска сезона со финалето на Лигата на шампионите следува период на настапи на репрезентациите во повеќе натпреварувања.
Така, следува комплетирање на учесниците на Светското првенство (СП) во Катар, кое на програмата е во ноември и во декември годинава. Преостанати се уште три места, едно за селекција од Европа и две за победниците на двата интерконтинентални баражи. Згора, почнува новата сезона на Лигата на нациите, а на програмата е и мечот т.н. финалисима (прва ваква средба), помеѓу европскиот првак Италија и шампионот на Јужна Америка, Аргентина, на стадионот „Вембли“, во Лондон.
– Тоа ќе биде добар натпревар, прв од долгата серија. Ќе стане важен натпревар, би било убаво да се биде првиот победник – рече Роберто Манчини, селектор на Италија, за интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Финалисима е еднократен натпревар, кој се игра 90 минути. Нема продолженија, па ако резултатот е израмнет на крајот од регулаторното време, ќе се оди директно на изведување пенали.
Репрезентацијата на Аргентина победи во своето полуфинале во Копа Америка во 2021 година против селекцијата на Колумбија со удари од пенал, Емилијано Мартинез одбрани три, а Италија стана првата селекција што победила во две пенал-серии на едно Европско првенство, кога ги победи Шпанија и Англија, во полуфиналето, односно во финалето, за триумф на Европското првенство 2020, играно лани.
– Секогаш е добро да се игра против силен противник. Аргентинските фудбалери, оние што играат за репрезентацијата, играат поради љубовта кон грбот и своето семејство, нивните пријатели. Секогаш беше така и сега тоа е уште повеќе – рече Лионел Скалони, селектор на Аргентина.
За последното место од Европа на Светското првенство годинава во Катар, репрезентацијата на Велс ќе се сретне дома в недела со победникот од мечот Шкотска – Украина, закажан за в среда, во Глазгов. Вкупниот победник ќе настапи на Светското првенство годинава, во групата Б, во која се репрезентациите на Англија, Иран и на САД.
Интерконтиненталните плејофи на програмата се од 7 јуни, кога ќе играат меѓу себе третопласираните во групите од квалификациите од Азија, репрезентациите на ОАЕ и на Австралија, а потоа, победникот на тој меч, на 13 јуни ќе се сретне со селекцијата на Перу од Јужна Америка, од каде што вкупниот победник ќе настапи на СП 2022, во групата Д, во која се Франција, Данска и Тунис.
Во вториот плејоф помеѓу континенти, Костарика (Северна Америка) ќе игра со Нов Зеланд (Океанија) на 14 јуни, а победникот на таа средба ќе се пласира на Мундијалот и ќе настапи во групата Е, во која се Шпанија, Германија и Јапонија. Сите овие плејоф-мечеви за пласман на СП 2022 ќе се играат во Катар.
Третото издание на Лигата на нациите, пак, почнува в среда, а репрезентацијата на Македонија првиот натпревар го игра на гости, со селекцијата на Бугарија, во лигата Ц, во групата 4, во која се и репрезентациите на Грузија и на Гибралтар.
За репрезентациите што играат во Лигата на нациите во јуни на програмата се четири од вкупно предвидените шест кола. Победниците на групите ќе се пласираат во плејофот за пласман на Европското првенство првенство во 2024 година во Германија.