Хрватската академија на науките (ХАЗУ) до властите во Црна Гора
Хрватската академија на науките и уметностите (ХАЗУ) објави документ, со кој бара Црна Гора да побара прошка од Хрватска. Хрватска бара и Црна Гора да плати воени репарации, Хрватите во Црна Гора да добијат загарантирани места во Собранието, како и контрола на термоцентралата „Плевља“, која ја загадува животната средина на север, што се одразува на загадувањето на Јадранско Море, за кое велат дека е заедничкo.
Документот насловен „Придонеси за заштита на хрватските национални интереси во преговорите на Република Хрватска со Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија во однос на нивното пристапување во Европската Унија“, како што пренесува порталот „Дан“ од Подгорица, предлага Хрватска да бара воени репарации од Црна Гора, морнарицата на Бока да биде општо добро и дека островот Мамула повеќе не треба да биде во Црна Гора.
Хрватските академици сметаат дека е неопходно да се бараат загарантирани мандати за Хрватите во парламентот на Црна Гора, да се поддржи предлогот за заедничка номинација на морнарицата на Бока како нематеријално културно богатство на Црна Гора и хрватскиот народ до УНЕСКО и да се поддржат заклучоците на научната конференција „Идентитет на Хрватите во Бока Которска“ во јануари 2021 г., одржана во Загреб.
„Конечно да се определи копнената граница (Островот Ластавица со тврдината Мамула), особено демаркацијата на море според Конвенцијата на Обединетите нации за поморското право и по прогласувањето на ексклузивната економска зона на Република Хрватска. Црна Гора мора целосно и одговорно да управува со пластиката и другиот отпад за значително да го намали тој отпад што плови на јужните хрватски острови“, се вели во документот, пренесува „Дан“.
Хрватската академија на науките и уметностите смета дека треба да се нагласи потребата од почитување на обврските од потпишаните договори и третмани – заштита на правата на хрватското малцинство и вистинското, а не само декларативното право на враќање и слободно располагање со имотот на сите што мораа да ги напуштат своите домови за време на војната; прашањето за границите – разликата помеѓу декларативното и фактичкото исполнување на обврските.
„Платете ја штетата направена во агресијата врз Хрватска, особено на културното наследство, и вратете го украденото културно богатство, побарајте прошка од Хрватска за сторените злосторства, престанете да го присвојувате хрватското културно наследство, особено литературното, обезбедете реципроцитет кон Хрватите, односно слободна политичка и културна организација и дејствување на ниво еквивалентно на она што го обезбедува Република Хрватска за нејзините малцинства“, се наведува во документот на ХАЗУ.
Хрватската академија на науките и уметностите смета дека во Јадранско Море треба да се најде заеднички заемно прифатлив модел на еколошки подводни истражувања, во согласност со ставовите од Глазгов.