Вечерва во Домот на младите во Штип ќе се одржи премиерата на театарската претстава „Поштарот“, по истоимениот текст на Трајче Кацаров, кој е и режисер. Главниот лик – Поштарот, ќе го игра Благоја Чоревски, улогата на неговата сопруга Даница ѝ е доделена на Марија Кондовска, а Дојденецот е нивниот помлад колега Игор Ѓеорѓиев.
– За време на ручекот што Даница го приготвила по повод пензионирањето на нејзиниот маж – Поштарот, се појавува човек што наполно го менува животниот ритам на брачната двојка. По половина децeнија заеднички живот, Даница се запознава со вистинскиот лик на својот маж – Поштарот… Ова е почетокот на една семејна приказна, која зборува за алиенацијата, за брачната отуѓеност. Зборува за тоа колку се познаваме иако со децении делиме иста брачна постела. Виновен за тоа е тајниот живот. Животот што можеби го живееме под диктат на неостварените соништа. „Каде има тајна нешто не е токму“ – напишал филозофот Карл Јасперс. Има ли нешто што не е токму во животот на Поштарот? Тоа е прашање за неговата жена и за Дојденецот. А по сѐ изгледа дека е и прашање за Поштарот. Во некои случаи чувањето на тајната оди во прилог на постоењето на заедницата. На државно ниво, тајните се чуваат, пред сѐ од непријателите, за да опстои државата. На ниво на семејство тајните на брачните другари одат во прилог да не се растури бракот. Тоа ги ослободува ликовите во пиесата „поштарот“ да бидат поделени на протагонисти и антагонисти, т.е. на позитивни и негативни. Особено ако се земе предвид дека и мајката на Дојденецот, жената на која Поштарот ѝ пишувал тајно писма, добивањето на писмата, навидум од нејзиниот маж, го чувала како тајна.
Она што треба да биде како порака е: Ако откривањето на тајната е болно, тогаш чувањето е лек за здрав живот – вели авторот и писател Трајче Кацаров.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, а во наредниот период претставата „Поштарот“ ќе се игра во повеќе градови во Македонија.
– Ова не е моја прва режија на своја пиеса, досега сум режирал најмалку десетина мои дела, а со претставите сме гостувале речиси во сите градови на Македонија, како и на фестивалот на монодрамата во Битола, каде што постигнувавме забележителен успех, а се претставивме и во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Инаку и татко ми беше поштар, а мајка ми се викаше Даница, но нема ништо блиску со нивниот живот, ама поштарите ми се во крвта. Многу ја сакав татковата поштарска капа, моторот со кој ги разнесуваше писмата, дував во поштенската труба како мал. Потоа тато заврши економски факултет и стана економист, ама детството ми помина со тато како поштар. Кога ме возеше на поштенското моторче се плашев оти сите дрвја и уличните бандери трчаа по нас и го молев да вози побргу. Сите во поштата во Штип и денес ме викаат како што ме викаше тато ми, Трајка – откри познатиот драмски автор Кацаров. М.Т.