Словенечки министер поднесе оставка поради афера за неплатена хотелска сметка’
Оставката на словенечкиот министер за земјоделство Јоже Подгоршек деновиве навистина предизвика реакции во јавноста не само во Словенија туку и речиси во целиот Балкан. Коментарите главно се во насока да се поддржи високоморалниот чин на оставката како признавање на грешката, па до споредување со состојбите во сопствените земји, каде што и за многу покрупни прекршоци, па дури и кривични дела, министрите се оглушувале и се повикувале на својата позиција.
Зошто поднесе оставка словенечкиот министер?
Според пишувањата на медиумите, Подгоршек во јануари годинава направил сметка од 800 евра во хотел во Бохињ, а по заминувањето не ја намирил, туку подоцна, наместо него, тоа го направил „земјоделски комбинат со кој Министерството за земјоделство има спор за сопственост на земјоделско земјиште“.
Токму тука е суштината на чинот поради кој поднесе оставка министерот. Имено, според толкувањата, се работи за судир на интереси, а има и елементи на коруптивно однесување, бидејќи хотелот што ја издавал сметката кога министерот престојувал во него бил во сопственост на лице поврзано со споменатиот земјоделски комбинат.
Во изјавата за јавноста, Подгоршек вели дека поднел оставка, но посочи дека го прави тоа за аферата да не ѝ наштети на владата на премиерот Јанез Јанша пред изборите в недела (24 април) и дека тој не се чувствува лично виновен.
Поднесувам оставка исклучиво поради задоцнето платената сметка и тоа е факт за кој ми е жал – напиша Подгоршек во објавата на Фејсбук, жалејќи се дека медиумите го оцрнуваат.
Подгоршек влезе во владата на Јанша како член на пензионерската партија ДЕСУС, а откако таа ја напушти владата, тој ѝ се приклучи на демохристијанската Нова Словенија (НСИ), која го предложи за свој кандидат на изборите. Од партијата неговата оставка ја оценија како морален и одговорен чин.
Оставки даваат и други балкански министри, но тоа не е правило,
туку исклучок
Пребарувањето и потсетувањето на слични ситуации во другите балкански земји нема да донесе многу вакви случаи. Очигледно на Балканот сѐ уште владеат некои други правила во кои министрите се сметаат за недопирливи, па дури и кога ќе се најдат пред судот на јавноста не попуштаат или бараат заштита кај своите премиери. Последниве, како по некое непишано правило, не им ги прифаќаат понудените оставки.
Еден од ретките исклучоци кога станува збор за министрите во регионот е романскиот министер за иновации и дигитализација, Флорин Роман. Тој поднесе оставка откако новинари известија дека откриле големи нерегуларности во неговата биографија и нашле докази дека направил плагијат на научен труд. Роман, кој беше министер помалку од еден месец, се повлече од функцијата откако весникот „Либертатеа“ објави трет текст во кој ги доведува во прашање неговите образовни квалификации. Министерот рече дека оставката ја дава за сомнежите да не се одразат на премиерот Николае Чука.
Поднесувам оставка од министерското место. Кога белото станува црно, кога сѐ е погрешно протолкувано, кога правиш материјални грешки, но и кога си цел на линч од првиот ден на функцијата – тоа е премногу – напиша Роман на социјалните мрежи по владината седница одржана синоќа.
Новинарите од „Либертатеа“ го обвинија Роман дека извршил плагијат на дел од неговата магистерска теза, додавајќи дека не можеле да го лоцираат научниот труд од 2006 година што политичарот го навел во својата биографија. Весникот исто така пишувал и за погрешни податоци во врска со универзитетот што го завршил.
Како редок чин на совесност и доблест може да се оцени потегот на романскиот министер за здравство Виктор Костаке, кој во 2020 година поднесе оставка во екот на тогаш новата пандемија на коронавирус „од лични и професионални причини“, откако починаа првите 17 лица од ковид-19.
Во 2018 година, по дискусиите за примање надомест за станарина во грчкиот кабинет во врска со сопругата, грчкиот министер за економија и развој Димитрис Пападимитриу поднесе оставка. Во соопштението што беше објавено од страна на кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас беше истакнато дека е прифатена оставката на министерот Пападимитриу. Рања Андонопулос, сопругата на министерот, која беше државна секретарка за труд, по објавувањето на информациите за примање надомест за станарина во медиумите, поднесе оставка.
И министерот за земјоделство и храна на Грција, Спилиос Ливанос, лани поднесе оставка, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побарал од него објаснувања за реакцијата за време на состанокот со градоначалникот на Спарта, кога тој се осврнал на катастрофалните пожари на Пелопонез во 2007 година, велејќи дека со чанти со пари им исплаќале отштета на граѓаните и така ги добиле изборите во 2007 година.
Кај нас функцијата не се предава лесно
Неминовна е споредбата во вакви случаи со она што се случува кај нас. Во Македонија се случувале многу експлицитни прекршувања на етиката при извршување на јавните функции, имало случаи на очигледен конфликт на интереси, прекршоци, па дури и кривични дела. За потсетување, во последните неколку години сведоци сме на автобуски несреќи, палењето на болницата во Тетово, афери, скандали, но тоа во ниеден случај не беше доволна причина за некој министер да поднесе оставка.
Но не се работи само за оставки, едноставно кај нас како да изостанува официјална реакција, објаснување, толкување на нештата, бидејќи кај дел од граѓаните се создава перцепција дека не постои одговорност за ништо, па дури ниту за постапки што се на удар на јавноста. Без да прејудицираме што било, во оваа пригода само би потсетиле на најновиот случај што останаа без посериозна реакција на одговорните.
ДУИ не размислува за оставка на Бујар Османи од функцијата министер за надворешни работи – вака одговори пратеникот Арбр Адеми на барањата од повеќе партии, здруженија и поединци за одговорност на министерот по последните настани во Битола со отворањето на бугарскиот клуб.
Сите тие побараа преиспитување на улогата на Османи, бидејќи придонел за нарушување на преговарачките позиции на Македонија со Европската Унија…
Подготвил: Марјан Велевски