Статуа на поранешниот Советски лидер, Владимир Ленин, повторно е поставена во украинскиот град Хеническ, окупиран од Русија. Информацијата е потврдена од фотографии, објавени на социјалните мрежи, а „Си-ен-ен“ ја утврди нивната веродостојност.
Речиси седум години поминаа откако статуата од Ленин беше отстранета, како дел од напорите за „декомунизација“.
На фотографиите објавени на Фејсбук, може да се види новата статуа пред зградата на регионалниот совет. Се гледа и руско знаме на покривот од објектот.
Оригиналната статуа на Ленин се отстрани по наредба од градскиот совет на 16 јули, 2015 година, според податоци на локалните медиуми. Како што се пишува, Хеническ бил еден од последните градови во регионот со статуа на Ленин.
Јури Соболевски, украински регионален заменик за Херсон, ја потврди информацијата на Фејсбук.
– Орките во Херсонскиот регион ги продолжуваат нивните експерименти со враќање назад во времето – напиша Соболевски, користејќи „сленг“ термин за руски војници.
Црвени знамиња, споменици од советската ера, набројува Соболевски.
– И сето тоа во позадина на влошена хуманитарна криза, сериозно сузбивање на несогласувањето и манифестациите на граѓанската позиција. Нивниот мотив е апсолутно транспарентен – тие (делуваат како паразити) на носталгичните чувства на населението – пишува во неговата објава на Фејсбук.