Медиумските експерти коментираат дека на тој начин дадените финансии во голем дел одлучуваат за креирање на содржините во медиумите или, пак, приспособување на уредувачките политики на самите медиуми токму на барањата на финансиерите: донаторите, спонзорите или рекламерите. Дадените финансии во медиумот имаат моќ да влијаат на прекршување (или непочитување) на професионалните новинарски стандарди за објективност, проверка на информацијата, запазување на принципот на балансираност и давање простор за да се искажат сите засегнати страни. Над сѐ има чести примери при добивањето постојани финансии од некој центар на моќ, новинарите да се приспособуваат кон ставовите на тој финансиски извор, односно да си наметнуваат новинарска автоцензура
Нова светлина кон одредени релации во „сивата зона од медиумската сфера“ на релацијата Бугарија – Русија
Со изјавата на претседателката на бугарскиот Совет за електронски медиуми (СЕМ), Бетина Жотева, дополнително беа осветлени одредени опскурни бугарско-руски односи. Таа недвосмислено во јавноста изјави дека „голем број бугарски медиуми добиваат финансии од Русија и дека е невозможно да се санкционираат!“. Според Жотева, голем број бугарски медиуми добиваат финансии од Русија во различни форми. Тоа се весници и веб-локации што добиваат, на пример, спонзорство за рекламирање или спонзорство за некој настан.
Медиумските експерти коментираат дека на тој начин дадените финансии во голем дел одлучуваат за креирање на содржините во медиумите или, пак, приспособување на уредувачките политики на самите медиуми токму на барањата на финансиерите: донаторите, спонзорите или рекламерите. Дадените финансии во медиумот имаат моќ да влијаат на прекршување (или непочитување) на професионалните новинарски стандарди за објективност, проверка на информацијата, запазување на принципот на балансираност и давање простор за да се искажат сите засегнати страни. Над сѐ има чести примери при добивањето постојани финансии од некој центар на моќ, новинарите да се приспособуваат кон ставовите на тој финансиски извор, односно да си наметнуваат новинарска автоцензура.
Според претседателката на бугарскиот Совет за електронски медиуми, Бетина Жотева, имало примери за спротивното – западно влијание во бугарските медиуми, но тоа од нејзина страна не предизвикува никаков коментар.
Советот за електронски медиуми во Бугарија ги проверува сите овие информации.
Според Жотева, не може да се обвинат приватните медиуми што зазеле една или друга страна во случајот. Секој можел да воспостави руско влијание, но никој не може да го санкционира, како што рече таа, додавајќи дека станува збор за саморегулација и чувство на професионализам.
Бетина Жотева го коментираше и случајот со новинарот Петар Волгин на БНР, кој стана познат по ширење лажна вест, за што беше казнет од неговиот медиумски менаџмент. Таа рече дека случајот е испратен до етичката комисија.
На темата за руското финансирање во бугарските медиуми, првиот човек на меѓународната платформа за истражувачко новинарство „Белингкат“, Христо Грозев, за ТВ Нова коментира дека дошле до писмени докази за плаќања на одреден интернет-медиум во Бугарија. Тоа не е огромен медиум, но очигледно зазеде позиција да го брани наративот на Кремљ во Бугарија и, врз основа на тоа, може да се заклучи дека и другите медиуми што се поважни од него добиваат значително поголеми суми. Тој одби да им даде име на медиумите пред да го објави платформата и рече дека тоа ќе се случи во рок од неколку дена.
Според Грозев, станува збор за пари дадени специјално за објавување материјали што требало да се објават по одреден редослед на зборови даден од Москва и требало да бидат преведени и објавени, но се чини дека бугарскиот медиум сам ги објавил.
Подготвил: Марјан Велевски