Доколку нашата цел се слободата и демократијата, тогаш средствата што треба да ги користиме кон патот на Европската Унија треба да бидат слободарски и демократични. Секое отстапување од овие средства не води кон демократска Европа, туку кон авторитаризам
Златно правило во секое западно општество е дека транспарентноста ја зајакнува демократијата и ја промовира владината ефикасност. Секоја демократска влада се стреми кон јаснота, промовира и обезбедува информации за сопственото работење. Мора да потсетиме дека информациите што ги поседува секоја влада се „национална сопственост“, а не сопственост на одделни поединци или групации. Затоа секое општество што се стреми кон зајакнување на демократијата и демократските принципи треба да се залага за поголема транспарентност на институциите, особено ако станува збор за прашања од национална и државничка природа.
Во медиумите можевме да прочитаме или да слушнеме дека во македонско-бугарските односи е постигнат напредок во размислувањата – како, што и кога ќе се реши бугарско вето. Тука треба да се спомене и документот за кој македонската страна вели дека е подготвена да го прифати, но бидејќи бугарската страна сѐ уште не се изјаснила, нема предуслови за информирање на македонската јавност.
Доколку станува збор за пошумувањето на Атлантски Океан, како нација можеме да го прифатиме споменатото образложение, но ако земеме предвид дека се говори за суштествени нешта за македонската самобитност, тогаш споменатото излагање е недемократско. Тука повторно сме принудени, веќе по стоти пат, да го цитираме Никола Милошевиќ, кој вели дека „гледиштето според кое целта го определува средството од праксеолошки аспект е целосно неодржливо. Пред да можеме да тврдиме дека целта го оправдува средството, мора да знаеме дали навистина средството за кое станува збор води кон таа и таква цел. Единствената исправна формулација би требало да гласи: целта го одредува средството.“
Верувам дека секоја македонска влада се стреми кон една и единствена цел – влез на Македонија во Европската Унија. Но што е ЕУ? Наједноставната дефиниција гласи дека станува збор за најголемата конфедерација на независни држави што некогаш егзистирала во историјата на човештвото. Меѓутоа Европската Унија не е само сојуз на нации и држави туку олицетворение на либералната демократија. Затоа кога велиме дека се стремиме кон ЕУ, тогаш истовремено целиме кон слободарството и демократичноста. Доколку нашата цел се слободата и демократијата, тогаш средствата што треба да ги користиме кон патот на Европската Унија треба да бидат слободарски и демократични. Секое отстапување од овие средства не води кон демократска Европа, туку кон авторитаризам. Бидејќи пристапот до информации е суштествен за секоја демократска држава, како држава, нација и општество мора да се стремиме кон што поголема транспарентност, а не обратно.
Да се навратиме на македонско-бугарските односи. Неколку светски експерти го искажаа своето видувања. Според Френсис Фукујама, една поголема земја „се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив.“ Слична констатација искажа и Едвард Џозеф, предавач и виш соработник при универзитетот „Џон Хопкинс“, според кого, „импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја изгледа дека е поттикнат пред сѐ од самата Бугарија… поголема и моќна земја се обидува да наметне своја верзија на историјата и идентитетот.“
Не смееме да ги релативизираме нештата во смисла дека нема предуслови за информирање на македонската јавност за напредокот во македонско-бугарските односи и содржината на споменатиот документ. Потребна е поголема транспарентност во целиот преговарачки процес и доколку сме свесни дека Бугарија го доведува во прашање македонското право да го одреди својот национален идентитет и наметнува своја верзија на историјата и идентитетот, тогаш македонската јавност го има секое право да биде информирана за преговорите со Софија.