Невообичаено голем број италијански политичари се против вооружувањето на Украина и зголемувањето на воените трошоци, истакнува Хана Робертс за „Политико“

Од каде датираат корените на старото пријателство

Кога украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред италијанскиот парламент во март, не наиде на полна сала. Ова беше знак дека, дури и по инвазијата на Украина, Кремљ сè уште има пријатели во Италија. Иако италијанската русофилија често се припишува на силата на Комунистичката партија и блиските врски со Москва по Втората светска војна, популистите од целиот политички спектар му се наклонети на Путин. Во парламентот во Рим има солиден блок на десничари и левичари, кои постојано се против испраќањето оружје во Украина и владините планови за зголемување на воените трошоци, предизвикувајќи тензии во владината коалиција на премиерот Марио Драги. Бјанка Лаура Гранато, сенаторка од Алтернатива, партијата составена од поранешни членови на популистичкото движење „5 ѕвезди“, го нарече парламентот „сервилна група“ поради тоа што го угости Зеленски и инсистираше да се слушне и рускиот претседател Владимир Путин, кој „води важна битка не само за Русија туку и за целиот свет против глобалистичката агенда“. Вито Коменчини, пратеник од екстремно десничарската Лига, рече дека говорот на Зеленски може да се смета за „непочитување“ на луѓето од Донбас.
И покрај тоа што лидерите на главните политички партии ја осудија инвазијата, поддршката за Украина меѓу другите партиски членови е нерамномерна, особено меѓу популистичкото движење „5 ѕвезди“ и екстремно десничарската Лига, кои, и двете, имаат проруски тензии. Овие членови на она што се сметаше за италијанска „руска партија“ на различни начини повикуваа на пацифизам за да избегнат поддршка на Украина со оружје, го обвинија проширувањето на НАТО за инвазијата и тврдеа дека Русите во сепаратистичките региони страдаат. Политичарите не се единствените што ја бранат Русија. Од обичните Италијанци, околу 12 отсто сметаат дека руската инвазија е оправдана, според анкетата за СВГ, при што бројката се искачи на 36 отсто меѓу десничарските гласачи.

Културата и комунистите

Пријателството меѓу Русија и Италија има длабоки корени, засновани на вековна културна, политичка и економска размена. Писателите Николај Гогољ и Максим Горки живееле во Италија додека Италијанците ги дизајнирале палатите во Санкт Петербург. Во 20 век, моќната италијанска Комунистичка партија создаде цврсти врски со СССР и промовираше руски студии на универзитетските катедри дури и во малите италијански градови. Многумина од левицата, вклучувајќи и елементи на движењето „5 ѕвезди“, синдикати и поранешни борци за слобода, заземаат проруска позиција во критикувањето на перципираното мешање на САД и на НАТО низ целиот свет. Исто така, енергетскиот гигант ЕНИ и производителот на автомобили „фиат“ ја изградија најголемата советска фабрика за автомобили во градот Тољати, именувана по водачот на италијанската Комунистичка партија Палмиро Тољати. Русија останува важен извозен пазар за Италија, особено за машини и луксузни стоки. Рускиот туризам исто така е значаен. Трајните економски врски беа демонстрирани неколку дена пред инвазијата кога се одржа виртуелна средба меѓу Путин и италијанските деловни лидери и покрај противењето на Владата во Рим.
По крајот на Студената војна, а на другиот крај на политичкиот спектар, Русија воспостави блиски врски со италијанските десничарски партии. Во 2000-тите, поранешниот премиер Силвио Берлускони и Путин склопија лично пријателство, засновано на економски интереси. Берлускони го организираше потпишувањето на договорот за соработка меѓу НАТО и Русија во Рим во 2002 година, со цел да ги обнови односите. Додека екстремно десничарските евроскептици добиваа поддршка во Италија, некои парадираа со восхит кон Путин. Тие во него гледаат модел за нивното противење на миграцијата, поддршка на христијанските вредности и сојузник во поткопувањето на ЕУ. Лигата стана партијата најблиска до Путин. Нивната регионална влада во Венето го призна Крим по неговата анексија во 2014 година, а нејзиниот лидер Матео Салвини го поддржува Путин, а неговата партија потпиша договор за соработка со Путиновата Обединета Русија во 2017 година.

Менување на ставот

Додека Италија во минатото се сметаше за слаба алка во ЕУ, тонот на Владата на Драги сигнализираше нагласена промена. Во својот прв говор пред парламентот, тој силно ја потврди поддршката за НАТО, а по инвазијата на Украина во февруари, Драги брзо се усогласи со санкциите на НАТО и на ЕУ и Италија не се двоумеше да испрати оружје во Украина. Рим ги заплени имотите на руските олигарси, а Драги ги повика другите земји од ЕУ исто да постапат. Тој беше меѓу најголемите поддржувачи на обидот на Украина за пристапување во Унијата. Во знак на тие приоритети на НАТО, Италија го распореди носачот на авиони „Кавур“, придружувајќи им се на американските и на француските колеги за да направат заедничка демонстрација на сила во Медитеранот по руската инвазија на Украина.
Но додека извршната власт е одлучно про НАТО, предизвикот ќе биде да се задржат партиите од владината коалиција во линија, доколку конфликтот и инфлацијата продолжат да влијаат на економското закрепнување. Во меѓувреме, цените на енергијата остануваат високи додека партиите преминуваат во изборен режим.