Судењето и сведочењата на процесот во скопскиот суд, воден како предмет Плацеви на Водно и становите на Никола Груевски, може да се посматраат во рамките на симболиката што поранешниот премиер го става во графата „забивање нож во грбот“ меѓу поранешни другари, пријатели, соработници и ортаци. Листата на извршители на тој чин, а на товар на неговите плеќи, ја прави со посебна педантност самиот Груевски, кој од азилантството во Унгарија речиси ден за ден, во детали, е запознаен со она што се случува во судот.
На таа „црна листа“ од покрупните риби се најдоа братучедот, кумашинот, ортаците Орце Камчев и Александар Ивановски (Алек Тера Нова), дури и неговите најблиски, најдоверливи соработници додека беше на власт – Миле Јанакиески и Мартин Протугер. Гореименуваните, кои не избираа средства како да му угодат, сега се потрудија целиот товар на вината да биде префрлен на нивниот поранешен неприкосновен шеф. Ако Груевски ним им заби нож во срце – сега му го возвраќаат ударот со нож во грбот. Не вели дека лажат, но тврди дека поради силен притисок од власта не ја зборуваат вистината.
Иако феноменот на забивање нож во грбот е познат во историјата, на јавната политичка сцена во повеќепартиска и самостојна Македонија е поврзан токму со името на Никола Груевски. Постарите читатели, проследувачи на партиските пресметки, сигурно се сеќаваат на настанот од 2003 година, кога тој ја презеде власта во ВМРО-ДПМНЕ, на партискиот конгрес во Охрид. Таму речиси сигурен фаворит беше Марјан Ѓорчев, но авторитетот на Љупчо Георгиевски, со помош на приврзаниците, го наметна Никола. Но само кратко време по изборот, дотогашниот претседател, разочаран и отфрлен од новоизбраниот, изјави дека неговото протеже, неговиот штитеник, му забил нож во грбот. Дотогаш пресметките во комунистичките политички врвови не го добиваа тој квалификатив, иако масовното „сечење глави“ беше карактеристика за одредени периоди, особено во седумдесеттите години од минатиот век.
На таквата појава не останува имун ниту неговиот наследник на владиниот престол, доскорешниот партиски и владин претседател Зоран Заев, кој за смирување по бурниот период си ја избра родната Струмица, за разлика од Груевски, кој побегна во Будимпешта. Сѐ беше во ред додека Заев го држеше високо факелот на власта, но кога почна да подзгаснува се сменија нештата.
Мора во неговиот владин кабинет да имало некој што не го поднесувал Заев како шеф, кој само за една нецела година му заби два ножа во грбот, фаќајќи ги во криминогени дејанија двајцата генерални секретари на Владата. Предавајќи ги во рацете на полицијата и обвинителството, тој мистериозен крт можеби не му заби нож директно во плеќи, но уште повеќе му го компромитира, му го извалка образот.
Тој, засега непознат свиркач, сигурно се вртел во близината околу премиерот, можеби му бил и пријател и доверлив човек, но едвај чекал да му се одмазди, пријавувајќи ги во полиција како криминалци, прво Рашковски, а потоа Мухамед Зекири. Своевиден нож во грбот му заби пред извесно време и генералниот секретар на партијата, Александар Кирацоски, кој даде оставка по компромитациите поврзани со Бојан Јовановски, попознат како Боки 13. За една година двајца генерални секретари на Владата што ја предводеше Заев се најдоа во затвор, третиот, партискиот, куртули од решетки. И Боки 13 се обидува преку отворени писма да „му светне еден нож“, ама дебели се ѕидиштата на „Идризово“.
Опишувајќи го фигуративно изразот „нож во грбот“, следува објаснувањето дека тоа значи тешко предавство од некого кого сме го сметале за близок човек, верен пријател, од некој кому сме му верувале и сме му се доверувале. Не е случајно измислена поговорката „чувај ме боже од пријателите, од непријателите знам сам да се бранам“. Или „едно пред лице, кама зад грбот“. Такви работи се случуваат во животот, понекогаш кога некому ќе му дојде нож до коска, кога ќе му стават нож под грло или кога некој со некого е на нож во меѓусебните односи.
Симболички – нож во грбот не е физички напад, туку смислено предавство, изневера, неочекувано напуштање на позиција или функција, свртување или премин на другата страна во клучен момент, нанесување неочекувана штета, оставање на цедило во моменти кога најмалку се очекува и тоа од оној од кого најмалку се очекува. Таа листа на извршители понекогаш вклучува блиски соработници, наводни пријатели, кумови и кумашини, редица што се прикажувале за верни и лојални на идејата, партијата или делото. Со такви примери за удирање нож во грбот, богата е светската историја, а не е сиромашна ниту подалечната револуционерна, ниту поблиската политичка историја на Македонија
Во симболиката, ножот најчесто е поврзан со идејата за егзекуција, за смрт, за одмазда и жртвување, особено за ритуални церемонии, како што се обрежувањето кај некои народи или давањето завет за верност, кај други. Неговото целивање кога е во дружба со друго убивачко орудие го носи симболот на доживотна припадност кон идеја, партија или замислена цел. Тој симбол претполага непоколеблива верност, решителност, послушност и подготвеност за извршување какви било дела, вклучувајќи поединечни убиства и масовни колежи какви што паметат многу народи. Ако се имаат предвид горенаведените значења ќе се види дека не било случајно што во ВМРО уште од самото формирање како симбол на верност едно до друго ги поставиле револверот и ножот, знакот врз кој припадниците ги заветувале своите животи при нивното партиско крштевање.
Легендата за забивање нож во плеќи е распространета и во модерните општества. Особено е применлива за настани кога неуспесите, поразите и одговорноста се сака да им се припише на други, а не на вистинските фактори и личности. Истиот израз се користи кога се наметнува мислење дека некоја битка (воена, политичка, економска, па дури и спортска) можело да се добие доколку таа евентуална победа не ја спречеле домашни предавници, субверзивни елементи во сопствените редови, со или без помош на странски сили.
Ќе звучи малку чудно ако се соопшти податокот дека изразот „нож во грбот“ е од понов датум во историјата, иако такви постапки имало од денот кога каменот бил заменет со ножот како средство за убивање. Изразот е германски производ, потекнува од времето на Првата светска војна, во која Германија беше поразена. Како што е познато, иако на германска почва не стапна ниту еден странски војник, германските политичари прифатија и потпишаа капитулација. Водечките генерали никако не сакаа да го прифатат поразот и сметаа дека политичарите извршија предавство на Германија. Поточната и пократка дефиниција на овој епилог е – политичарите ѝ удрија нож во грбот на Германија. Тоа раширено мислење придонело Адолф Хитлер и неговата партија да дојдат на власт.
Употребата на ножот има и библиски историјат поврзан со апсењето на Исуса Христа, откако беше предаден со целув од Јуда Искариот. Кога војниците го фатиле Исуса, еден што стоел до него протегнал рака и извадил нож, го удрил слугата на правосвештеникот и му го отсекол увото. Тогаш Исус му рекол: „Врати го ножот на местото негово, зашто сите што се фаќаат за нож од нож ќе загинат“. Така кажува Евангелието според Матеја.