Во претходните две колумни го изложивме историскиот контекст за настанување на главните текови на руската политичка и геополитичка мисла, како и нивните основни идеи застапени во учењата на словенофилите, западњаците и Евроазијците. Еве ја и третата под овој генерички наслов – „Руска идеја“, поднасловена како неоевроазијци.
Идеите на словенофилите и западњаците, но и на Евроазијците постојано се присутни на руско тло, некогаш помалку, некогаш повеќе. Во одреден историски миг само се активираат или пасивизираат, во согласност со состојбите. Во 1991 година големата империја СССР се распадна. Русите и комунизмот ја „загубија“ битката со Западот, стариот систем прекуноќ исчезна, за што во голема мера беше обвинуван Западот, што е некаков нормален, психолошки одбранбен механизам, но кој не е и без објективна политичка, т.е. меѓународно-политичка и геополитичка основа, што, секако, сега не е предмет на наш интерес. Таквиот општо негативен став кон сè што е западно стана доминантен наратив во рускиот менталитет и сосема нормално се одрази и во теоријата и геополитиката. Toa ги разбуди старите битки помеѓу словенофилите и западњаците. Повторно се јавија старите поделби помеѓу словенофили и западњаци.
Вековниот спор помеѓу словенофилите и западњаците на крајот од 20 век се врати во Русија со „неословенофилите“ и „неозападњаците“ и се одразува во теоријата, културата, философијата и политиката. Првите (неословенофилите) – како и нивните претходници во XIX век – се за изградба на строго „национална“ идеја, национална култура, теорија, философија и секако политика, отфрлајќи ги западните идеи, заедно со западниот либерализам, особено со западното либерално поимање на слободата. Во ова разнородно, неословенофилско движење денес во теориските кругови имате од крајни десни шовинисти до умерени следбеници на она руското религиозно просветителство, кое започна од Берѓаев, Трубецкиј, Карсавин, Федотов и други теоретичари од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Втората група на „неозападњаци“ денес е собрана околу некои феноменолошки кружоци, како и околу низа претставници на постмодернизмот, а во сферата на политичките идеи, околу низа либерални структури.
Кај овие мислители се среќава не само критика на неословенофилските идеи, особено на религиозните идеи иманентни на словенофилството, како примитивни, заостанати, конзервативни, туку се гледа и силно инсистирање на либералните идеи и остра критика на патриотизмот проповедан од првите. За нив, сите дебати околу т.н. „руска идеја“ не се резултат на никакви посебни историски и духовни околности, туку едноставно на психологијата на рускиот утопизам што останал како рецидив од таа непотребна „невроза за уникатност“ (Евгениј Барабанов), присутен во минатото. Инсистирањето на уникатноста на Русија, за овој табор не е ништо друго освен штетен месијанизам.
Е токму во овие теориски рамки еквилибрира и руската политика веднаш по распадот на СССР. Додека едните се за следење сопствен пат и креирање своја, уникатна и самобитна национална идеја, другите инсистираат на епигонство и следење на Западот, за да се вклучат во современите текови на светската, западна цивилизација. Тоа се огледа и во конкретните политички потези. Доминирана од западњачките идеи, Русија во почетокот се надевала дека тој западен свет ќе ја прегрне со двете раце. Па, така, уште во 1991 година Русија пристапува кон „Северноатлантски совет за соработка“ (денес Совет за евроатлантско партнерство). Уште повеќе, познато е дека во 1991 година, Елцин и формално изразува желба, во перспектива, Русија да пристапи во НАТО. Се разбира, до тоа не доаѓа, но Русија продолжува да инсистира да ги продлабочи врските со Запад и НАТО. Во таа насока, во 2002 година беше воспоставено дури и посебно тело за соработка – Совет Русија – НАТО. Секако, само наивните и во Русија и на Запад, мислеа дека ова може да функционира. Односите се влошуваат, сè до април 2014, кога НАТО едногласно одлучува да ја прекине секоја соработка со Москва.
Слична судбина споделуваат и релациите ЕУ – Москва. Првиот руски министер за надворешни работи, Андреј Козирев, веруваше дека Русија треба да го развива „природното партнерство“ со западните земји, „инвестирајќи во пазарната економија и признавајќи ги слободите и правата на поединецот“. Во 1994 година, Русија и ЕУ потпишуваат Договор за партнерство и соработка и се обидуваат да ги продлабочат своите односи. Неколку други иницијативи и механизми исто така се обидоа да го направат тоа. Во 2005 година двете страни се обидоа да изградат формална рамка за соработка преку т.н. „Заеднички простор“, која се однесуваше на четири области: слобода, безбедност, правда, надворешна стабилност и истражување и образование. Слични обиди имаше и со проектот „Европска соседска политика“. Но односите се влошија во 2009-та, кога ЕУ во рамките на „Европска соседска политика“ започна со политиката на т.н. „Источно партнерство“, кое се однесуваше само на шесте бивши советски републики: Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина. Тоа беше протолкувано како знак за опасност од страна на Русија и мешање, без нивна согласност, во нивната зона на влијание и односите започнуваат да се заладуваат. До точката до која стигнаа денес.
И сето ова конечно го отвора патот на неоевроазиските идеи. Тие, како што рековме погоре, исто така се присутни во Русија уште во почетокот, по распадот на СССР, само што до новиот милениум срамежливо се шепотат. Со доаѓањето на Путин во 2000 година, тие добиваат ветер во грбот. Веќе рековме дека евроазискиот геополитички, теориски и философски концепт се јави во 20-тите години на 20 век, од огромната маса руски емигранти низ Европа и светот. Тие, во една пригода се согласија дека тогашниот СССР, всушност ги опфаќа териториите што во географска смисла се дел од тој „нов континент“ – Евроазија. Па, така, и неоевроазијците сиот тој поранешен географски простор на СССР ќе го третираат како простор на тој „нов континент“, на Евроазија. Во 1990-тите години овој концепт теориски беше вообличен од страна на философот, историчар и филолог Вадим Цимбурски, член на Институтот за философија при Руската академија на науките. Така, тој зборува за „Островот Русија“ (како што е насловена една негова статија) како за засебна географска, политичка и цивилизациска целина. Затоа го воведува поимот „лимотрофен“ простор (лат. Limotrophus – пограничен), со кој ги означува оние крајни погранични области на тој остров, во кој влегуваат: Естонија, Летонија, Литванија, Финска и делови од Полска и Романија. Но во тие 1990-ти години, во времето на Елцин, Евроазијците беа маргинализирани. Сè до доаѓањето на власт на Путин.
Денес, помеѓу заговорниците на неоевроазиството, најпознат секако е Александар Дугин. Тој инсистира на враќање на руската доминација на овој литоморфен, пограничен простор. Тоа е можно преку градење независен евроазиски пат за Русија. Во политиката тоа се одрази со градење специфични концепти како „суверена демократија“ и со специфична пропаганда, во почетокот креирана и водена од советникот на Путин, Владимир Сурков. Со неоевроазиството, во Русија се врати свеста за посебноста на тој простор и особено свеста дека во сите геополитички калкулации, тој простор останува вечна арена.
Всушност, како што отсекогаш и бил. Многу индикативно е што токму таткото на геополитиката, творецот на концептот за „хартленд“, Халфорд Мекиндер, всушност, бил висок британски претставник во Украина, од 1919-1920 година! И во согласност со неговата теорија, согледувајќи дека победата на болшевиците ќе значи создавање современа руска империја, барал од Британија поголема поддршка за „Белите“! Украина, заедно со Полска и земјите од Источна Европа, во теоријата на Мекиндер игра клучна улога во „врзувањето“ и „ограничувањето“ (Џорџ Кенан) на моќта на Русија. Затоа, од оваа перспектива, на овие земји се гледа како на „санитарен кордон“ (Валмс Блок), кој треба да го ограничи руското влијание, особено нејзиното поврзување со Германија, а со тоа и со Европа!
Затоа, по распадот на СССР, Западот од една страна имаше за цел трајно да ја откине Украина од Русија, додека Русија од друга страна – да го задржи влијанието на тој простор по секоја цена. Со доаѓањето на Путин на власт, почна да се реализира оваа идеја, за чии потреби се обнови евроазиската геополитичка школа. Евроазиството е геополитичкиот пристап што на денешна Русија ѝ служи како теориска подлога за реинтеграција на постсоветскиот простор. Рековме, границите на СССР главно се поклопуваа со геополитичкиот простор во концептот на евроазиството, и затоа, којзнае по кој пат, го парафразирам Путин: „распадот на СССР е најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“! Исправањето на таа катастрофа е центарот на геополитичкиот пристап на денешна Русија. Во октомври 2011, во статија за весникот „Известија“, Путин пишува статија со наслов „Новиот проект за интеграција на Евроазија: иднина во настанување“, во која тој експлицитно најавува „моќна супранационална асоцијација, способна да стане еден од половите на модерниот свет, која ќе служи како мост помеѓу Европа и динамичниот Азиско-пацифички Регион“.
Како резултат на ваквата политика, во резултат се формираат тела и организации што треба да го реализираат овој проект: Царинска унија, Заедничка економска зона (Русија, Белорусија и Казахстан) и Евроазиската економска унија (трите претходни, плус Ерменија и Киргистан). Гледаме, евроазиството во таа смисла служи не само како идеолошка, геополитичка, туку и како алатка за економска интеграција на тој простор.
Дали ќе успее евроазискиот план не зависи само од Путин. Западот (САД) долго се мачеше да најде лик како Зеленски. Неутралните раководства на Украина не му одговараа на Западот, дури и умерено прозападните, како Кучма или Јанукович, не беа доволно антируски. Бајден, а особено Викторија Нуланд беа директно инволвирани во рушењето на Јанукович и настаните на Мајдан. Грешката што тогаш ја направи Путин да не даде отворена, директна и воена помош, се обидува да ја исправи сега. Се плашам да не е предоцна!?
Автор: Трајче Стојанов