Од творештвото на писателката Марија Костадиновска

Првото од двете кралства е Кралството на здодевноста. И било најздодевното кралство на светот, со најздодевната кралица и со најздодевните жители. На сите во ова кралство им било толку здодевно што никогаш не смислиле ниту име на своето кралство. Зашто, да се смислува име им било нешто најздодевно. Па, така, сите го викале само Кралството на здодевноста. Кралството на здодевноста си имало и мини-кралица, која се викала Хана, а мини – зашто Хана била девојче-кралица, која носела кралско фустанче и вистинска круна на главата. А имала и дворец. Во дворецот имало и една прва дама, која се викала Нина. Не дека имало втора и трета дама, туку, едноставно, така се викало работното место. Задачата на Нина била да ја подучува Хана во секакви науки. Да читаат поезија. Да сликаат. Хана дa изучува странски јазици. Да свири пијано. Па, дури и како правилно да пие чај. Освен што Хана научила да ги распознава буквите, не правеле друго ништо од ова, бидејќи сето ова им било прездодевно. На жителите на Здодевното кралство секогаш им било здодевно. Дури и кога спиеле. А секогаш, ама баш секогаш сонувале здодевни соништа. Не оделе на училиште, зашто и тоа било здодевно, а не сакале ниту, пак, да си играат, зашто сите игри биле здодевни. И така си живееле колку да се здодеваат.
Во соседното кралство, пак, владеело непрекината забава! Несекојдневни игри, досетки, песнички, брзозборки, везден јадење чоколатца, фрлање конфети и смешки, смешки три тони и три слона!
Ниту ова кралство немало име и овие жители, едноставно, немале време да смислат име за сопственото кралство, зашто ако се размислува за нешто не може во исто време да се свирка со уста или да се дуваат балони, пa да се пукаат или да се кажуваат смешки. Затоа, сите го викале само Кралството на забавата.

Извадок од книгата „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, „Арс ламина“, Скопје, 2021


Волшебност што ја брка тагата

Во Гушкоград, во земјата Вистинија, живее ВЕДРАН, најдоброто и најмило момченце на светот. Тој секогаш носи сино палтенце и ранец преполн со топли прегратки.
Кога жителите на Гушкоград се среќни, Ведран е уште посреќен. Но, кога се тажни, тогаш Ведран веднаш вади од ранецот една од своите најтопли прегратки и го прегрнува секој што e тажен. Во истиот момент од прегратката, тагата исчезнува.
Еве, на пример, пред само половина час, едно маче си ја изгубило мајката. Мјаукаше и беше претажно. Кога го виде мачето, Ведран веднаш извади една најтопла прегратка и го прегрна. Во истиот момент тагата на мачето исчезна. Тогаш се појави и загрижената мачка-мајка.
НА СРЕЌАТА Ѝ НЕМАШЕ КРАЈ!
Вчера, пак, еден дедо падна на тротоарчето, на една од улиците на Гушкоград. Како за несреќа и бастунот му се скрши, па не можеше ниту да стане. Го обзеде голема тага. Кога чу за тоа Ведран, веднаш дотрча со сета сила. И повторно, нова прегратка од ранецот и го прегрна дедото. Тагата веднаш исчезна. Дедото се исправи и продолжи да чекори без да му треба искршениот бастун.
И така, во Гушкоград почна да се зборува дека прегратките на Ведран се волшебни.
НЕКОЈА ЧУДНА ВОЛШЕБНОСТ ШТО ЈА БРКА ТАГАТА.

Извадок од книгата „Волшебните прегратки“, „Арс ламина“, Скопје, 2021