Манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец 2022“ во соработка со „Просветно дело“ – Скопје распишува Меѓународен литературно-хумористичен конкурс на темата „И КОГА ЛАЖАМ, ЈА ЗБОРУВАМ ВИСТИНАТА“.
Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу ПЕТ поетски творби, кои одделенските и предметните наставници по македонски јазик ќе ги изберат како најдобри. Со оглед на ситуацијата со пандемијата на ковид-19, творбите може да бидат испратени преку училишна или приватна електронска пошта на менторот.
Право на учество имаат сите ученици од петто до деветто одделение од основните училишта и учениците од средното образование, од прва до четврта година.
Најзначајно е поетските творби да се оригинални и со хумористична содржина.
Секој ученик има право на учество со најмногу три песни.
Темата на која треба да пишуваат учениците треба да биде инспирирана од творештвото на писателот Киро Донев.

Целта е ученицитe да се запознаат со неговото творештво и да се претстават себеси во манирот на популарниот поет за деца, со целосна слобода во изборот на мотивите и темите (од природата, убавината, слободата, детството, татковината, љубовта, од секојдневниот живот… итн.).
Трудовите треба да бидат испратени најдоцна до 20.5.2022 година, на следната адреса: [email protected]
со следните податоци:
име и презиме на ученикот и менторот, училиште, место, e-адреса и телефонски број на ученикот и менторот.
Манифестацијата „СРЕДБИ ПОД ЈАВОРИТЕ – ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ 2022“ ќе се организира на отворено, во дворот на училиштето „Видое Подгорец“, во с. Колешино, родното место на Подгорец.
Откако жири-комисијата ќе го направи изборот, наградените и пофалените ќе бидат известени најдоцна до 30.5.2022.

Литературните творби може да зафаќаат најмногу две страници од А4-формат, пишувани во фонтот тајмс њу роман (Times New Roman), со македонска поддршка и големина 12.
Оние ученици што освен на македонски јазик сакаат да пишуваат и на другите јазици на кои се изведува настава во нашата држава, задолжително, освен на мајчиниот јазик, треба да испратат и превод на литературната творба на македонски јазик.
Учесниците на конкурсот од другите држави да ги испраќаат творбите на својот мајчин јазик, со препев на македонски јазик, доколку се во можност да го обезбедат тоа.
Избор од пристигнатите песни ќе биде објавен во официјалниот електронски зборник на манифестацијата „СРЕДБИ ПОД ЈАВОРИТЕ – ВИДОЕ ПОДГОРЕЦ“, кој ќе биде објавен на официјалната фб-страница на манифестацијата.

Ве очекуваме, манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец 2022“ и претседателката Ана Витанова-Рингачева