Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека се согласува со премиерот Еди Рама за договорот со Грција, но оти јасно му ставил до знаење дека тој ќе биде ратификуван во Собранието кога Уставниот суд ќе биде во функција.

Во интервју за Гласот на Америка, Мета призна дека за ова прашање имал некои несогласувања со министерот за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати.

– Вложив максимални напори за да придонесам на најконструктивен начин за правично решение на ова прашање, а не негово понатамошно усложнување, бидејќи тоа е деликатно прашање кај нас, но исто така и во Грција. Јас сторив сѐ, со премиерот Рама имаме целосна согласност, но имавме некои несогласувања со министерот Бушати по ова прашање – наведе Мета.

Тој додаде дека на премиерот Рама му посочил дека доколку е тој убеден дека е можно финализирање на таков договор, ја има поддршката и како премиер, но и како шеф на владејачкото мнозинство, бидејќи договорот треба да помине во Парламент.

Албанскиот Уставен суд не функционира подолг период, поради тоа што поголемиот број судии немаат доставено анкетен лист за имотната состојба.

Албанија и Грција преговараат по неколку прашања, меѓу кои и определувањето на морската граница, но засега нема целосна согласност меѓу Тирана и Атина.