Осмите општи избори во Босна и Херцеговина, како и сите претходни, се одржуваат во атмосфера на длабока национална и етничка поделба
Граѓаните на Босна и Херцеговина в недела избираат членови за Претседателството на БиХ, за новиот состав на државниот парламент, за претседател на Република Српска, пратеници во Парламентот на Федерацијата БиХ и во Народното собрание на РС, како и за пратеници во собранијата на десет кантони во федерацијата.
Ова ќе бидат осми општи избори во историјата на Босна и Херцеговина. И овие избори, како и сите претходни, ќе се одржуваат во атмосфера на длабока национална и етничка поделба. Аналитичарите сметаат дека оваа изборна кампања била најжестока во повоената историја на БиХ. Ова особено се однесува на Република Српска, каде што настапите на политичарите беа преполни со говор на омраза и потпалувачка реторика, која не е насочена кон кандидатите на бошњачкиот и хрватскиот народ, туку кон претставниците на спротивставените политички опции од српскиот народ, пишува „Нови магазин“.
Политичките тензии меѓу двата спротивставени табора во РС пред изборите дојдоа до точка на вриење и се закануваат да прераснат во насилство. На едната страна е актуелната владејачка коалиција, на чело со Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), засилени со Демократскиот народен сојуз, Социјалистичката партија и Обединета Српска. На другата страна се наоѓаат Сојузот за победа, во кој се Српската демократска партија, Партијата на демократскиот прогрес, Народното демократско движење и други помали политички партии. Главната битка се води за тоа чиј претседателски кандидат ќе ја добие довербата на граѓаните во РС. Дали тоа ќе биде Жељка Цвијановиќ од СНСД или Вукота Говедарица од СП? Победата на Говедарица би значела смена на власта по 12 години, која ја има блокот предводен од Милорад Додик.
Аналитичарите сметаат дека со победата на Говедарица, партијата ДНС или добар дел од неа, која сега е во владејачка коалиција, би преминала на другата страна и заедно со Сојузот за победа би ја формирала новата влада на РС.
Исто така, и изборниот натпревар за член на Претседателството на БиХ е значаен, зашто со победата на Младен Иваниќ би значело дека политичката моќ на Милорад Додик значително ослабнала и во најскоро време тој би можело целосно да замине зад политичката сцена во БиХ.
Според тврдењето на релевантни извори, разликата меѓу претседателскиот кандидат на СНСД и на СП е ниска, а победникот би зависел од изјаснувањето на независните гласачи и апстинентите, кои се проценуваат на 50 отсто од изборното гласачко тело.
Одлучувачки фактор би можело да бидат протестите на граѓаните во Бања Лука, под називот „Правда за Давид“, кои траат повеќе од шест месеци, поради убиството на 21-годишното момче Давид Драгичевиќ. Родителите тврдат дека нивниот син е убиен од полицијата, а во овој случај биле вмешани и високи функционери на полицијата, но од власта се обидуваат да ја забошотат истрагата за ова убиство. Тоа во голем дел ја компромитира владејачката коалиција предводена од Додик, која ја изгуби поддршката на избирачите од Бања Лука, која е и најголема изборна единица во РС и во која победуваат непрекинато 20 години. Од друга страна, Сојузот за победа отворено застана зад барањата на семејството Драгичевиќ.
Милорад Додик успеа да врати дел од нарушената доверба, со состанокот со рускиот претседател Владимир Путин и со посетата на шефот на дипломатијата на Русија, Сергеј Лавров, во Бања Лука. Додик доби и отворена поддршка и од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој го критикуваше кандидатот на опозицијата Младен Иваниќ, во врска со вмешаноста на западните земји во изборниот процес на БиХ.
На федерално ниво најголема изборна битка се води меѓу кандидатите на Партијата за демократска акција (СДА), Шефик Џафеорвиќ, за бошњачкиот член во Претседателството во БиХ, и Денис Беќировиќ од СДП. Во хрватската заедница главните кандидати се Драган Човиќ од ХДЗ за БиХ и Жељко Комшиќ од Демократскиот фронт.
Овие избори во БиХ се организираат со низа недостатоци, а аналитичарите посочуваат на тоа дека Централната изборна комисија останува немоќна пред практиката од претходните избори за купување гласови и членови на избирачки одбори, како и за изборни фалсификати.