Триесет и третото издание на најдолговечниот и најреномиран фестивал на забавна музика во Македонија, „Макфест 2018“, вечерва ќе го избере својот победник. На сцената во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе слушнеме 20 композиции што се пласираа по учеството на двете полуфинални вечери, на кои беа испеани по 16 песни од познати македонски пејачи, но и од дебитанти што допрва зачекоруваат на естрадната сцена.
На првото полуфинале, кое се одржа на 4 октомври, влез за финалето обезбедија: најмладата учесничка Сара Гигова, која и го отвори фестивалот, ветеранот Џокси, кого сѐ почесто го гледаме на фестивалската сцена, Наташа Малинкова, Игор Узунов, Ѓоко Танески, Димитар Андоновски и Тајфата, Симона Попоска, Мина Блажев, Пепа и Лина Пејовска. За тоа кој ќе се најде во финалето одлучуваат гласовите на стручното и на медиумското жири, што е новина оваа година, и на публиката во салата. Вчеравечер се одржа второто полуфинале, на кое се претставија исто така 16 интерпретатори, меѓу кои ги слушнавме и: Дани, трио „Џентлменс“, Александар Тарабунов, Роберт Билбилов и други. По официјалниот дел на вечерашното финале, своја шоу-програма ќе има Дарио. Во рамките на придружните манифестации е планирана и промоција на песната „Љубовта е “ на Џокси, која тој ја снимаше летово во Хрватска. Инаку, секој ден се одржуваат прес-конференции во прес-центарот на фестивалот, а не изостануваат ни традиционалните фестивалски дружби по кои е познат „Макфест“.
Уметничкиот директор Владимир Дојчиновски е задоволен од досегашниот тек и се надева дека со успешната завршница фестивалот ќе се доближи до најуспешните фестивали изданија во изминатите 33 години. Во тоа сесрдно му помагаат и претставниците на локалната самоуправа, кои се покровители на фестивалот.
За победниците се обезбедени и награди: првонаградените ќе добијат по 5.000, 4.000 и 3.000 евра, а исто така ќе бидат доделени и награди за најдобар текст, аранжман, дебитант и за најдобар сценски настап, чии добитници ќе добијат по 500 евра. Вечерашното финале, како и претходните вечери, ќе почне во 20.30 часот и директно ќе се пренесува на програмата на МРТ, а водителка е Марјана Станојковска.