Вечерва во 20 часот во галеријата на домот на културата „Ацо Ѓорчев“ во Неготино ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник од Кавадарци Горан Боев . Овојпат Боев се претставува исклучиво со портрети сликани во последните три години од кои преовладуваат портрети на жени.


-Уште во почетокот на моето ликовно изразување портретот беше мој голем предизвик. Од ренесансните портрети преку Караваџо и Рембрант, и повторно назад до возвишената уметност на византиските икони и фрески, се трудев да го истражам човечкиот лик од сите негови асекти. Во мојот циклус „Визии од детството“ како главна тема почна да се наметнува детскиот лик во разни емотивни расположенија. Иако нежноста и ведрината се карактеристични за него, тие црти сакав да ги постигнам сликајќи груба рустикална основа со богат колорит, претходно нанесена на платното со сликарски нож- вели овој исклучително талентиран ликовен уметник кој последниве години постепено од детски премина на портрет на девојка или жена.


-Сега размислувајќи за убавината на женскиот лик, барем така ми се чини, се подобро ја изразувам „трагедијата“ на времето, кое толку брзо минува. Можеби убавината во својот зенит од една страна и нејзината немоќност да опстои, нејзината брза минливост од друга страна , стана главен поттик на мојата заложба таа женска убавина да ја зачувам на моите платна од забот на времето. Сепак без разлика дали се работи за детски, машки или женски портрет, мислам дека и на публиката и на уметникот во оваа време на пандемија , на разни рестрикции и меѓусебна отуѓеност, повеќе од кога било им треба уметноста на портретот, убавината на човечкиот лик. Можеби човештвото во својата суета и каприц премногу длабоко влезе во сферата на илузијата и лажните вредности, занемарувајќи го неговиот лик, без разлика дали е тажен или среќен .Со меѓусебна грижа и наклонетост треба да се вратиме едни кон други а јас со своите портрети потсетувам дека всушност постоиме едни за други- објаснува ликовниот уметник Горан Боев.


Изложбата на Боев вечерва е предвидено да ја отвори поетесата Марјонка Андоновска од Неготино. За неа уметноста на Горан Боев е како вода што непресушно тече и го насликува животот во напливот на инспирација, онака како шт тој го доживува сето она што го опкружува, но и она што го носи во душата , она што е невидливо за останатите.
М. Мукаетова