Овие игри за мене се еден голем мотив и цел да освојам уште еден медал од големите натпреварувања и ќе дадам сѐ од себе да постигнам што поголем успех, а со тоа и мојата колекција на медали да биде уштe побогата, вели најдобриот македонски каратист Павлов

КАРАТЕ

Најдобриот македонски каратист во борби, репрезентативец и член на КК Штип, Емил Павлов, од 7 до 17 јули годинава ќе настапи на 11-те по ред Светски игри (СИ) во Бирмингем (САД), што за него ќе биде прво учество на ова натпреварување и уште една можност да ги покаже своите квалитети во карате-спортот.
– Официјално, веќе сум пласиран на овие Светски игри, што за мене, секако, претставува голема чест и што уште еднаш ќе ја претставувам Македонија на големите натпреварувања. Пласманот го обезбедив со освоеното второ место на последното Светско првенство во Дубаи, во 2021 година. Во Бирмингем, пак, ќе бидат присутни по осум најдобри каратисти во секоја категорија – вели Павлов, кој е двократен европски првак, а двапати беше и трет, носител е на бронзен медал од првите Европски игри (ЕИ) во Баку, Азербејџан во 2015 година, заедно со Мартин Несторовски, а на СП 2021 во Дубаи се закити со сребрен медал, што претставува и најголемо достигнување во македонското карате.
Павлов ќе настапи во категоријата до 67 килограми, а во таа категорија се и Стивен Дакоста од Франција, од кого Павлов загуби на СП 2021, Али Елсави од Египет, Маршал Ивес Тадиши од Унгарија, Бурак Ујгур од Турција, Винициус Фигуеира од Бразил, Камило Велозо од Чиле и Хозе Хернандез од САД.
– Овие Игри за мене се еден голем мотив и цел да освојам уште еден медал од големите натпреварувања. Ќе дадам сѐ од себе да постигнам што поголем успех, а со тоа и мојата колекција на медали да биде уштe побогата – вели Павлов.
Овој настап, секако, ќе биде и убава можност Павлов повторно да се сретне со Дакоста и да му се реваншира за поразот на Светското првенство во 2021 година.

– Ќе настапиме во две групи со по четворица учесници и на татамите ќе се натпреваруваме секој со секого во својата група, по што ќе следуваат полуфиналето и финалето. Во полуфиналето одат првите двајца од двете групи, каде што потоа ќе вкрстат, првиот од едната група со вториот од другата и обратно, а победниците ќе се сретнат во големото финале. Секако дека актуелниот светски првак Дакоста ќе ми биде најсериозен противник, но ќе дадам сѐ од себе да му се реванширам за убедливиот пораз од Дубаи – вели Павлов.
Павлов годинава, пред настапот на Светските игри во САД, прво го очекува и настапот на Европското првенство (ЕП) во Турција (на програмата од 15 до 29 мај).
– Секако дека ќе има специјални подготовки за Светските игри, но прво да помине Европското првенство што ме очекува и за кое, исто така, треба добро да се подготвам, па потоа ќе се концентрираме за Светските игри во САД. Се разбира, ќе настојувам максимално подготвено да настапам во Бирмингем – вели Павлов.


Во повеќето дисциплини, квалификациите се според врвен пласман на светските првенства или на квалификациски турнири, за да се обезбедат настапи на врвни спортисти во еден спорт. На СИ се застапени спортови и спортски дисциплини што не се присутни на летни олимписки игри

Светските игри се одржуваат
од 1981 година

Светските игри (СИ) се меѓународен мултиспортски настан што опфаќа спортови и спортски дисциплини што не се присутни на летни олимписки игри (ЛОИ). Тие обично се одржуваат секои четири години, една година по ЛОИ, во текот на 11 дена. Со нив управува Меѓународната асоцијација за светски игри, под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Во најновите изданија, меѓу 25 и 30 спорта се вклучени во официјалната програма. Голем број спортови или дисциплини што беа на програмата на СИ се укинати оти сега се вклучени во ЛОИ. На СИ учествуваат околу 3.500 спортисти од околу 100 држави. На Светските игри во САД годинава ќе има 30 спорта.
СИ се разликуваат од другите мултиспортски настани, како што се ЛОИ, по тоа што градовите-домаќини не се обврзани да градат нови места или објекти за Игрите. Натпреварувачите ги избираат меѓународните спортски федерации, за разлика од националните олимписки комитети или националните управни тела. Во повеќето дисциплини, квалификациите се според врвен пласман на светските првенства или на квалификациски турнири, за да се обезбедат настапи на врвни спортисти во еден спорт. Првото издание на СИ е одржано во Санта Клара (САД), во 1981 година. Поради пандемијата на ковид-19 тие лани беа одложени за годинава.


КАРАТЕ – СЕНИОРСКО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
Макпетрол најуспешен со 14 медали

Со вкупно 14 освоени медали (по пет златни и сребрени и четири бронзени), Макпетрол е најуспешен клуб на сениорското Првенство на Македонија во карате во машка и во женска конкуренција, кое се одржа во Скопје во саботата. Втор најуспешен клуб е Олимпик спорт, со осум медали (4-1-3), следуваат Фунакоши Гичин со осум (3-1-4), Металург со пет (1-2-2), Штип четири (1-1-2) итн. На првенството настапија вкупно 17 клуба. Поединечно пријатно изненадија повратничката на татамите Румена Балшовска-Беговиќ од Металург, која во категоријата до 68 кг го освои златото, како и Марија Петровска (до 55 кг). Во кати триумфираа олимпијката Пулексенија Јованоска и Кристијан Бајовски, и двајцата претставници на клубот Фунакоши Гичин.