Светот е војна и мир во циркусот Принтипрам.
Што? Забранете ги веднаш Толстој и Хармс!
Значи две минути омраза за Русија.
А-ха, забранете го и Орвел!
Гледам јас дека Воланд повторно би да влезе во Москва, ама овој пат мајсторот не е во лудница.
Опа, инсинуација… забранете го Булгаков!
Украинец е.
Добро де, забранете го тогаш Чехов.
Можете вие да забранувате колку сакате, ама сонцето пак ќе изгрева… на исток, а на запад… ништо ново.
Забранете ги Хемингвеј и Ремарк!
Нацистите еднаш веќе ги забранија.
Одлично! Затоа и го вработивме доктор Стрејнџлав во нашата биолабораторија.
Како се комплицира планетарново лудило така сѐ повеќе сум убеден дека пандемијата беше смислена за рушење на Доналд Трамп од американскиот престол. Добро сега, имаше и други причини за строго контролирана пандемија како заработка за поединци и корпорации, Орвелови експерименти врз сопствените граѓани, капка планетарна депопулација, но вистинската причина очигледно беше Трамп.
Оваа „конспирација“ сѐ повеќе ми станува апсолутна вистина, откако излегоа информации за тајните биолаборатории полни вируси, кои Пентагон и ЦИА си ги имале насекаде низ Украина. Светските мегафејкери наречени фактчекери во почетокот хистерично врескаа за лажни вести, но како Русите вадеа докази се префрлија на муабетот дека тоа биле сосема обични биолаборатории какви што сите имаме по дома. Е, ама Русите продолжија да вадат докази што секако ги вознемири Кинезите, некој во меѓувреме ги праша фактфејкериве, добро, ако тоа биле лаборатории безопасни како лунапаркови, зошто побогу украинските власти добија наредба сè да биде уништено, по што излезе онаа снимка со Вики Фак Јуроп Нуланд каде што жената убаво објаснува и мене како на врвен конспиративец веднаш ми се јави мислата дека од такви тајни лаборатории излезе и корончето штом Трамп седна на престолот во Вестерос американски. Ахахаха, оној глупион Русјаков мисли дека ковид-19 е направен во тајни лаборатории за да го срушат Трамп, ми вреска прогресивниот мејнстрим-хистерик што верува дека Кинез изел лилјак, по што цел свет заглави во карантин.
Некоја битна американска политичарка, набројувајќи зошто Русија е зло, рече дека една од причините е што Путин владее дваесет години. Добро, ама па јас не гледам никаква разлика во тоа што на американскиот трон се менуваат претседатели. Буш Први и Буш Втори, Клинтон и Клинтонка во сенка, Обама или Бајден… сејм шит ми е, иста страшна песна пеат, сеедно што се различни марионети на изопачената моќ. Освен Трамп, и затоа… ај да не се повторувам.
Десетина полуголи Французинки протестираат пред Ајфеловата кула. Убавите гради обоени со украинско знаме. Лошо синхронизирани викаат дека Путин е убиец. Размислувам. Ако човек што убил е убиец, тогаш Путин сигурно направил такво нешто. Можеби уште како агент на КГБ. А и сега, со оваа воена операција, неговата наредба секако убива луѓе. Но тогаш убијци се и Украинците, кои убија 15.000 луѓе во Луганск и Донецк. Убиец е и Зеленски. Убијци се Клинтонови, Бушови, Обама, Бајден, Олбрајт, сите западноевропски лидери што учествуваа во масакрите низ светот. Убијци се и нивните медиуми, кои пропагираа и лажеа во име на сите тие војни. Значи сите се убијци. Проклето гадно за размислување.
Подобро да се фокусирам на убавите голи женски гради. Гледам во нив. И повторно една мисла ми одвлекува внимание. Низ хистеричниот западен свет се забрануваат руски уметници. Во меѓувреме на Русите им забранија Си-ен-ен, Фејсбук, „Мекдоналдс“ и Порнхаб. Чекај малку, јас како човек заглавен во западниов пропаганден котел ќе останам без Достоевски и Чајковски (патем, Чајковски е со украински корени, идиоти едни), а некој таму Серјожа ќе остане без Си-ен-ен и „Мекдоналдс“… и како стигнавме до ова? Цинизмот ме напаѓа како страста на Настасја Филиповна. Која сега Настасја Филиповна? Е не знам како да ви објаснам, ја нема на Си-ен-ен и на Порнхаб. Мислата ми фрла горчина и смеа истовремено. Ете ја перверзната логика. Забрани му го на светот Достоевски и врвот на неговата креативност ќе стане голи женски гради пред Ајфеловата кула, и тоа во прајмтајм на вести низ западните медиуми, а бидејќи Русија, претпоставувам, не ги забранува тие медиуми, оној Серјожа од насловот повторно има Порнхаб за гледање. Додуша, пропагандна софтпорн-варијанта, ама па цицки се цицки.
Смрт, болест, војна… тргнаа во совршен ритам, еве го и гладот се дотерал, спремен е да го фати својот ред, како сите четири да сакаат да ни донесат цивилизациско откровение. Изгледа некој ги зајава коњите, ама вие сте прогресивен мејнстрим во океанот убавина и не верувате во вакви приказни, нели? Ако, не верувајте.
Да се вратам јас уште малку на Достоевски, оти модерниве демони сакаат сите да нè прават идиоти, па неговата генијалност, само затоа што е Русин, ја прогласија за злосторство што треба да се казни. Ова безумие што ни се случува, драги мои, не почна со руската уметност заради влегувањето на Русија во Украина.
Јас речиси две години пишувам за злото што започна со окупација на душите и телата низ светот, а ни се претставува како нова нормалност на прогресивниот бесен сектор. „Петар Пан“, „Дамбо“, „Снежана“, „Пипи Долгиот Чорап“ веќе се жртви на нивната гебелсовско-сталинистичка матрица во која имате право само на нивно мислење. Затоа што приказниве за деца ширеле расизам и мизогинија. Шекспир го исфрлаат од врвните универзитети поради исти причини. Култната „1984“ на Џорџ Орвел, чија содржина веќе ја живееме, ставена е во графата опасна книжевност. И нема да запрат. Ова со Украина им дојде како совршена причина да удрат и по руските генијалци. Големиот ресет што започна, секако, ќе донесе огромни воени и економски потреси, може и трета светска војна дури, но во заднина се одвива една друга идеолошка војна што веќе е почната, затоа што господарите на западниот варваризам наречен цивилизација се сметаат себе за божества, кои сакаат да ни спроведат имунизација на душата за трајно да нè „излекуваат“ од мечти, чувства и креативност, ако се косат со нивната намера светот да го стават во котелот на безличноста.