Пропуштените европски шанси во Македонија

Каде ги пропушти Европа своите шанси во постјугословенскиот и во постсоветскиот простор? Додека низ Европа повторно се гасат светилките, како во август 1914 година, и додека повторно над континентот се спушта нова железна завеса, како во 1945 година, имаме право на еден кус момент на сентименталност и на жал за пропуштените шанси од „завчерашниот свет“. Ништо не може да ги опише подемот, оптимизмот и ведрината на доцните европски 1980-ти, посебно во Централна, Источна и Југоисточна Европа. Духот на слободата, кој Горбачов го испушти со гласноста и со перестројката, ја изроди европската 1989 година, чудесната година (annus mirabilis). За безмалку шест месеци, како кула од карти се срушија некогаш монолитните реалсоцијалистички режими во овој дел од светот. Сивилото, безнадежноста и бесперспективноста на доцниот реалсоцијализам тонеа во минатото, додека посткомунистичка Европа сонуваше за обединет континент, цврст сојуз на демократски држави од Атлантикот до Владивосток. Дури и руските либерали и демократи, кои веќе го напуштија Горбачов и се обединија околу Елцин, отворено бараа руски прием во ЕУ (тогаш ЕЕЗ) и во НАТО, а беа и помеѓу најгласните и најпламени реформатори и промотори на европската идеја. Најимпресивна беше токму 1989 година, кога за само шест месеци комунистите изгубија на демократските избори во сите некогашни држави на Варшавскиот пакт, од Балтикот до Црно Море, избори организирани по тркалезните маси на режимот со опозицијата, освен во Романија каде што расплетот беше крвав и заврши со стрелање на некогашниот комунистички диктатор Николае Чаушеску.
Европскиот сон стана точка на обединување на граѓаните од посткомунистичка Европа, надеж дека сивите работнички згради од нивните соседства може наскоро да осамнат како живописни и полноживотни населби, составен дел од европското семејство. Вредностите околу кој требаше да се обедини континентот беа вредностите на слободата, демократијата, почитувањето на човековите права, уважување на човековото достоинство, но и социјалните, културните и еколошките права и слободи, кои ги одликуваа тогашните земји на западна и на северна Европа. Граѓаните на посткомунистичка Европа се надеваа дека нивните земји ќе заличат на западноевропските социјалдемократски држави на благосостојба.

Демократите и реформаторите тогаш очекуваа дека нивните колеги од западниот свет ќе го препознаат моментот и ќе создадат нов „маршалов план“ за посткомунистичка Европа, а дека членството на овие држави во ЕУ и во НАТО ќе биде брзо овозможено, со цел да се консолидираат придобивките од оваа чудесна мирољубива преобразба на целиот посткомунистички блок. Европската Унија, тогаш ЕЕЗ, преку заедничкиот пазар требаше да биде пошироката заедници што ќе ја олесни демократизацијата, исто онака како што при самите почетоци на европската интеграција, земјите од Западна Европа се редемократизираа, по суровите епизоди на фашистички диктатури, окупација и колаборација за време на Втората светска војна.
За среќа, еден дел од европските лидери го препознаа моментот, посебно државниците со истенчено чувство за историските текови, како тогашниот германски канцелар Хелмут Кол или како Вили Брант, иконата на европската и на глобалната социјалдемократија. Тие овозможија Европа да се придвижи кон уште потесна интеграција, но и да им се даде шанса на новите демократии од посткомунизмот да влезат во кругот на европското семејство, како полноправни членки. За жал, тие не беа доволно храбри да ја рашират европската визија на целиот европски културен простор, вклучувајќи со Русија и со Турција. Нештата сега ќе беа сосема поинакви во Европа…
За Македонија, пак, ќе бидам многу здодевен ако пишувам за пропуштените шанси на Европската Унија кон овој дел од континентот. Кај нас забележувам дека се изроди цела индустрија на „експерти“ што цинизмот и скепсата на македонскиот граѓанин ја толкуваат со некакво мистично руско или кинеско влијание во јавниот простор. Идеолошките и институционалните наследници и режимските цензори на слободата и демократијата, сега најдоа ново идеолошко руво, но им останаа старите навики да бркаат непостојни вештерки и вештери. Падот на поддршката кон европската и евроатлантската интеграција на Македонија не е производ на руска, кинеска или турска пропаганда, лажни вести, насочени кампањи „од странски центри“ на социјалните мрежи или какви било други измислици.

Падот на поддршката произлегува исклучиво од изневерените очекувања и од драматичната разлика помеѓу прокламираните вредности и конкретните акции, односно изостанокот на какви било акции. Македонците очекуваа дека влезот на Македонија во ЕУ ќе значи конечен крај на сите македонски голготи, крај на крвавата македонска историја, да се изразам како Франсис Фукујама. За македонскиот граѓанин, ЕУ значи „единство во разликите“, демократија, слобода, мултикултурализам, почитување на идентитетите, укинување на војната и на насилството како начин за решавање на проблемите, крај на сите форми на дискриминација, уцена и злоупотреба на државната моќ. Но наместо тоа, Македонија доби газење на одлуката на Бадинтеровата комисија и одбивање да биде признаена македонската државност од ЕУ. Потоа, дојде Лисабонската декларација каде што земјата доби ултиматум дека нема да биде признаена сè додека се вика Македонија. Меѓутоа Македонците, сепак, уште веруваа во европските вредности и се надеваа дека станува збор за некакво недоразбирање или дека нашата точка не дошла на дневниот ред. Следуваа измислувањето на назнаката БЈРМ, па игнорирањето на бојкотот на опозиција на изборите од 1994 година и новото еднопартиско Собрание и криминалната приватизација. Сето тоа со благослов на Европската Унија. Војната од 2001 година само во Македонија заврши без казна за тие што ја отпочнаа таа налудничава авантура. Беше јасно дека Европската Унија има намера, преку Судот за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија во Хаг, да ја криминализира војната на европскиот континент и да ги казни сите оние што посегнуваат по оружје за да го нарушат мирот на европските граѓани. Но само во Македонија протагонистите на војната не само што не беа казнети туку и денеска се клучни политички чинители, со ни малку променета политичка реторика. Вчудовидувачки, но и тука македонските граѓани најдоа начин да ја пренебрегнат неправдата и натаму да веруваат во Европа и во европската интеграција.

Меѓутоа, Преспанскиот договор беше капката што ја прелеа чашата, а да не зборувам какво разорно дејство има молкот на Европа кон сегашните барања на бугарската држава. Сите прокламирани европски вредности се изгазија со Преспанскиот договор, од самото наметнување на омразената придавка „Северна…“, преку игнорирањето на референдумот и кршењето на сите можни законски и морални начела при бруталното воведување на новото име, па сè до обидите што траат до ден-денес да се исклучат сите општественици и интелектуалци што се противат на ова насилство. Не може никој да го исклучи мнозинството граѓани во една земја, а и целата лудост околу „културата на исклучување“ е само инфантилно очекување дека проблемите ќе исчезнат доколку се игнорираат. Најфатално за европската идеја во Македонија е ако продолжи оцрнувањето на противниците на Преспанскиот договор како антиевропејци, како антидемократи, националисти или русофили. Обратното е вистината. Противењето кон Преспанскиот договор е борба за слобода, демократија, човекови права и заштита на идентитетот и културата на секој поединец, со еден збор, промоција и заштита на европските вредности. Европската идеја беше единствено успешна додека ги вклучуваше сите политички, интелектуални, филозофски и други струења на европскиот континент, а меѓу нив се и Македонците, посебно мнозинството македонски граѓани што се противници на Преспанскиот договор.

Ете, токму во оваа низа на ситуации, каде што постојат цели бездни помеѓу европските вредности и европските политики кон Македонија, од Бадинтер, па сè до Преспанскиот договор, лежат причините за актуелната сомничавост на македонските граѓани кон европската интеграција и овој нагласен цинизам што се забележува при испитувањето на јавното мислење. Само драматично различна европска политика кон Македонија, коперникански обрт што конечно ќе појде од уважувањето на македонскиот граѓанин, на неговиот идентитет, јазик и култура, може да предизвика промена на јавното мислење. Сето фрлање пари во ветер за вистиномери, за бркање вештерки и за неразумно дрдорење само би ја влошило состојбата. Македонците сурово научија дека Европа нема проблем да си ги погази сопствените вредности кога станува збор за националните интереси на која било од нејзините земји-членки, како и кога над Европа се надвиснати геополитички закани, измислени во нашиот случај, но и тоа како реални во украинскиот случај.

Автор: Ивица Боцевски