Еден друг агол на опсервација на украинската бегалска криза
Потребата од човечки ресурси во реалните економии на развиениот Запад е хроничен проблем веќе подолго време. Во таквиот контекст, бегалците од Украина, според нашите соговорници, би можеле да го пополнат просторот на пазарот на трудот и да го избалансираат тој дефицит на работна сила. Тоа е една теза што во западните бизнис-кругови се интензивира за разгледување и анализирање. Но таа исто така има и друга страна на медалот, а се однесува на балканските земји. Имено, украинските бегалци би го пополниле просторот на работниците од балканските земји, кои во последните години најдоа своја трајна егзистенција во компаниите од ЕУ. Работната сила што мигрира од Балканот кон европските земји би се соочила со поголема конкуренција од украинските работници. Последново е еден аспект на украинската криза, кој тлее во заднина и кој сѐ уште нема приоритет како појава, се разбира, сѐ додека не се реши воениот судир, што, секако, е во прв план.
Ако се гледа низ демографската ревитализација, всушност, ништо подобро и не можеше да му се случи на Западот?!
Германскиот сојуз на синдикати и Сојузот на работодавачи во Германија издадоа заедничко соопштение, со кое се бара од германската влада „итно отстранување на правните и бирократските пречки, заради побрза интеграција на бегалците од Украина на германскиот пазар на трудот. Големиот број на бегалци од Украина, кој достигна околу два милиона, го отвори и прашањето за тоа кои ќе бидат можните последици, за работниците од балканските земји, кои во последните години најдоа своја трајна егзистенција во компаниите од ЕУ, а кои сега ќе се соочуваат со поголема конкуренција од украинските работници.
Предвидувањата не се поволни, ако се имаат предвид претходните мигрантски бранови од Сирија и од Ирак, поради тоа што неколку години по војните во овие земји, само половина од работоспособните лица најдоа постојано вработување. Германската влада тогаш презеде низа мерки и активности за доквалификација на бегалците, кои имаа ниско ниво на квалификација. Повеќето од нив, како што објаснува Херберт Брукер, од Институтот за истражување на пазарот на трудот во Нирнберг, биле населувани во подрачјата во кои условите на пазарот на трудот биле неповолни, а квотите за невработеност биле високи.
– Иако санкциите на Германија кон Русија се голем ризик за германската економија, ако се гледа низ демографската ревитализација, всушност, ништо подобро и не можеше да се случи. За Германија денеска е најважно да се привлечат млади лица. Со војната во Украина е отворен нов базен на работна сила за потребите на германскиот пазар – вели Тадо Јуриќ, демограф од Католичкиот универзитет во Загреб, кој подолго време ги проучува миграциите, особено во земјите во Западна Европа. Според Владимир Ивановиќ, од универзитетот „Хумболдт“ во Берлин, Германија, повторно добива работници во кои не е вложила во нивното образование. Овие лица, според него, ќе бидат ангажирани во секторот на нега во германските здравствени институции, во кои недостигаат голем број работници.
– Сметам дека нема да дојде до поголема конкуренција меѓу слободната работна сила, затоа што приливот од Западен Балкан не може да ги покрие потребите за германскиот пазар на трудот. Исто така, најголемиот бран на доселување на луѓе од Балканот за вработување во социјалните служби е намален. Ова нема да влијае на намалување на договорите за работа за балканските работници, но секако ќе ги намали потребите за работниците со одредени профили. За многумина, кои планираа иселување, секако ова не е ни малку поволно сценарио – вели Јуриќ, кој објаснува дека во Германија ќе се засили конкуренцијата за станови во големите градови, во кои и досега беше бариера за интеграција на мигрантите и работниците од странство.
Проблемот е повеќеслоен и не се однесува само на промените што ќе бидат иницирани на пазарот на трудот
Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, кој е добар познавач на економијата и геополитичките движења, вели дека влијанието и економските штети од руско-украинскиот воен судир дополнително ќе се утврдуваат за европската и светската економија. Како што нагласува тој, проблемот е повеќеслоен и не се однесува само на промените што ќе бидат иницирани на пазарот на трудот, поради големиот мигрантски бран. Некои процени одат дотаму дека бројката на раселени лица од Украина, претежно во западноевропските земји, може да достигне и до десет милиони!
– Неможно е да се дадат реални предвидувања, затоа што не се знае колку ќе трае целата вонредна состојба. Генерално, новата безбедносна криза во Европа ќе се одрази и на економската активност и на компаниите во земјите на Европската Унија, со тоа вообичаено се намалува и потенцијалот за прифаќање нова работна сила. Се очекува некои од работоспособните лица, кои мигрираат од Украина, да се појават на европскиот пазар на трудот. Некои земји веќе најавија дека ќе им бидат дозволени престој и работни дозволи. Но прашање е колку од мигрантите ќе можат брзо да се вклучат во економскиот процес на ЕУ. Мнозинството од нив се жени и деца, за кои се потребни и поголеми трошоци за нивно згрижување. Но тоа наедно значи и зголемување на домашната потрошувачка во одредена земја, што наедно е и еден од развојните фактори на некоја национална економија. Зголемената понуда на работници ќе влијае и на намалување на платите, па можно е да се јави внатрешна миграција на работниците во земјите од Европската Унија. Новиот миграциски бран ќе влијае на подобрување на демографската слика на ЕУ, што се однесува за работоспособното население, но тоа не ќе може да го покрие демографскиот минус во земјите од ЕУ, која има пониска стапка на природен прираст на населението од тоа што е светскиот просек. Значи, тешко е на краток период да се прават процени за економските текови, но познато е дека и нашата земја е во директна зависност од тековите во Европската Унија, со која имаме најголема трговска размена, а секако и голем број од нашите работници се ангажирани во нивните компании. Да не заборавиме дека и по смирувањето на состојбата, се очекува да биде одобрен и план за обнова на Украина, па можно е добар дел од раселените лица да се вратат во сопствената земја – ни изјави Гошев.
Меѓународната организација за бегалци (ИОМ) проценува дека во Германија можат да побараат заштита околу 225 илјади бегалци од Украина, додека Канцеларијата на ОН за бегалци УНХЦР предвидува поголеми бројки, пренесува „Дојче веле“. Демографите од Хрватска прават споредба со бегалскиот бран по избивањето на војната во поранешна Југославија и прогнозираат дека во Германија ќе се отселат 1,5 милион Украинци. Вистинскиот одлив на населението се очекува по неколку години, кога ќе почне процесот на спојување на семејствата и кога ќе се доселуваат и мажите. Во првите години, жените ќе бидат вклучени во услужните сектори, но подоцна украинската машка работна сила би била вклучена во градежниот сектор.