Украинската нуклеарна централа „Запорожје“ е окупирана од руски сили, соопштија денеска регионалните власти на Запорожје, пренесува „Интефакс Украина“.
– Нуклеарната централа Запорожје е окупирана од воените сили на Руската Федерација. Персоналот работи на своите работни места, оперативниот персонал ја контролира состојбата на енергетските единици и ја обезбедува нивната работа според барањата на технолошките прописи за безбедно работење – соопшти утрово Државен инспекторат за нуклеарна регулатива на Украина (ДИАРУ).
Претходно избувна пожар во најголемата европска нуклеарна електрана „Запорожје“ по интензивните борби меѓу руските и украинските сили, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби.
По извршениот увид во петкатницата за обука на нуклеарната електрана Запорожје во Енергодар, констатирано е дека гореле просториите на третиот, четвртиот и петтиот кат. Нема жртви, но градоначалникот на Енергодар Дмитриј Орлов информира дека има повредени во судирите кај нуклеарната централа „Запорожје“. Властите соопштија дека се подготвува план за евакуација на Енергодар бидејќи инфраструктурата е уништена и руските војници се присутни на терен.
Во гаснењето на пожарот во АЕЦ „Запорожје“ учествувале 40 лица и 10 парчиња опрема, соопшти Министерството за вонредни ситуации на Украина. Украинските служби за итни случаи соопштија дека утрово го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.
– Во 6.20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви – соопштија украинските служби за итни случаи.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја обвини Москва дека спроведува „нуклеарен терор“ и дека сака да ја „повтори“ катастрофата во Чернобил, по гранатирањето на нуклеарната централа во централна Украина, среде руската инвазија.
– Ќе го предупредиме светот дека ниту една земја освен Русија никогаш не пукала во нуклеарни централи. Ова е првпат во нашата историја, првпат во историјата на човештвото. Оваа терористичка држава сега врши нуклеарен терор – нагласи тој во видеопорака.
Украинскиот нуклеарен регулатор не откри „никаква промена“ во нивото на радиоактивност во електраната „Запорожје“, каде што избувна пожар по руското гранатирање, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
– Украинскиот регулатор ја извести МААЕ дека не е забележана промена во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје – објави агенцијата на Твитер.