Слабата излезеност на референдумот се толкува како удар, не само за напорите на таборот „за“, туку и за поддржувачите во Брисел, Берлин и во Вашингтон, пишува „Вашингтон пост“ во написот насловен „Македонскиот референдум ги направи нештата незгодни за Западот“.

Во последниот месец, бројни европски политичари, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел и секретарот на НАТО Јенс Столтенберг беа во Скопје, за да ги поттикнат гласачите да ја зграпчат приликата која се пружа еднаш во животот. Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, кој повикуваше на влезот на Македонија во НАТО во 2008 година, напиша писмо во кое бара од Македонците да „испишат нова надежна историја“.

Наместо тоа, гласањето во Македонија ги покажа подлабоките поделби низ Европа, како и сомнежот кој многу луѓе го чувствуваат кон значајните институции.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, истакна оти „тивкото мнозинство одлучило“, користејќи ја реториката која веќе ја употреби Доналд Трамп, се наведува во написот на „Вашингтон пост“. Македонскиот претседател директно го спомна говорот на Трамп во Обединетите нации, во кој американскиот претседател зборуваше за либерализмот на меѓународната заедница.

– Не станува збор само за влезот на Македонија во НАТО или во ЕУ, туку и за потенцијален глас за доверба во тие институции и во демократијата. Овој резултат, за среќа, не е потполно негативен. Но покрена многу прашања и аларми – вели Евелин Фаркаш од Атлантскиот совет на САД.  

Едно од главните прашања, според американските аналитичари, претставува и степенот на руското влијание на кое предупреди и американскиот секретар за одбрана Џим Матис во текот на посетата во Скопје.