Речиси милион луѓе ги посетија полските кина во последните три дена за да го погледаат филмот кој не ги прикажува католичките свештеници во добро светло, објави дистрибутерот на филмот.
„Клер“(Свештенство) е црна драма за тројца свештеници кои пијат, финансиски ги искористуваат верниците и се подбиваат со Црквата. Еден од нив сексуално злоставува слепо дете.
Филмот за само три дена го погледале 935.000 луѓе.
„Ова е најдоброто отворање во последните 30 години во полските кина. Филмот го погледаа сто илјади луѓе повеќе од „Педесет нијанси сива“ во истиот период – објави дистрибутерот Кино Свиат.
Филмот на режисерот Војчех Смарзовски предизвика големи полемики во Полска.
Неколку членови на владејачката партија Право и правда повикаа филмот да биде забранет. Членот на на кабинетот на полскиот претседател Павел Солоч не го гледал филмот, но тоа не го спречува да изјави дека е снимен онака како што „нацистите снимале филмови за Евреите“.
Јан Бодаковски, член на здружението на католички новинари, „Клер“ го нарече „тешка антисвештеничка пропаганда“.
Филмскиот критичар Јануш Вроблевски рече дека ниту еден режисер пред Смарзовски не се осмелил да покаже толку критичка слика на Црквата во Полска.
Смарзовски „ги осудува сите главни црковни гревови од педофилија, измама и генерално деморализираната хиерархија“, додава Вроблевски.
Иако бројот на верници опаѓа, Полска и натаму е една од најрелигиозните европски земји, во која Црквата има големо општествено и политичко влијание.