Подобри сме сега отколку кога ја освоивме Лигата на шампионите

Секогаш сакате да се подобрувате како тим. Чувствувам дека сме го направиле тоа и дека и понатаму го правиме. Погледнете го тимот, има играчи што не се ниту на клупата, а се со врвен квалитет. Тоа на менаџерот понекогаш му ја отежнува работата. Но тие играчи од клупата кога ќе влезат во игра, имаат големо влијание, ја прават разликата во наша корист, вели Хендерсон

ФУДБАЛ – ЏОРДАН ХЕНДЕРСОН, КАПИТЕН НА ЛИВЕРПУЛ

Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, тогаш како 21-годишник, беше дел од тимот што пред десет години победи во англискиот фудбалски Лига-куп, против Кардиф, во 2012 година, на пенали на стадионот „Вембли“. Тој е идеална метафора за траекторијата на клубот во минатата деценија.
– Тоа беше како возење на тобоган – вели тој во интервјуто за весникот „Телеграф“, пред синоќешното финале во Лига-купот, со Челси.
Хендерсон претрпе повеќе професионални падови од кој било во оваа ера на клубот. Тоа, пред сѐ, се однесува на поразите во финалињата во ФА-купот, Лига-купот, Лига Европа и во Лигата на шампионите (ЛШ), како и на двете загубени титули во Премиер-лигата, во 2014 и во 2019 година, од Манчестер сити. Затоа никој не треба да му кажува на Хендерсон за спротивставените емоции при сопнувањето пред последната пречка. Тие спомени направија кревањето на пехарите во ЛШ во 2019 година и во Премиер-лигата во 2020 година да бидат многу поемотивни и позначајни. Сега Хендерсон е сосема поинаква личност од младото момче што се пресели на „Енфилд“ од Сандерленд во 2011 година. Од него зрачат самодоверба и авторитет, тој звучи и се однесува како капитен на Ливерпул. Затоа и треба да му се верува кога вели дека сегашната екипа на „црвените“ е најдобрата во минатите десетина години, подобра и од онаа што ја освои титулата светски шампион во 2020 година.

– Секогаш сакате да се подобрувате како тим. Чувствувам дека сме го направиле тоа и дека и понатаму го правиме. Погледнете го тимот, има играчи што не се ниту на клупата за резерви, а се со врвен квалитет. Тоа на менаџерот понекогаш му ја отежнува работата. Но тие играчи од клупата кога ќе влезат во игра, имаат големо влијание, ја прават разликата во наша корист. Тоа беше многу забележливо во последните неколку недели. Но, генерално, ние сме заедно долго време, поголемиот дел од тимот, на што се придодадоа засилувањата. Значи, навистина сме во добра ситуација – вели Хендерсон.
Ливерпул се засили по освојувањето на клупското Светско првенство (СП) во 2020 година. Тиаго Алкантара додаде итрина и квалитет во средниот ред, кој се сметаше за тактички и физички ефектен, но не и најкреативен во Европа. Последните сезони, Хендерсон доби шанса да игра понапред, почесто отколку пред три години. Неговиот стил на игра не е најпрефинет, неговите асистенции често се потценети и неадекватно вреднувани од неутралните набљудувачи. Неодамна на мечот против Норич имаше 106 успешни од 109 додавања. Во нападот доаѓањето на Диого Жота и на Луис Дијаз значи дека ударното трио, Мохамед Салах, Садио Мане и Роберто Фирмино, едно од најдобрите на светот, стана квинтет. Сезонава Ливерпул, со 106 гола во сите натпреварувања, е втор, по Баерн, во петте големи европски лиги. Ливерпул има квалитети и да ги загрозува противниците на повеќе начини. Ако нема ефект од „течниот“ фудбал, од контранападите или од многуте асистенции на бековите, тогаш на ред се прекините на игра, слободните удари, корнерите.
– Работевме на различни работи во текот на минатата година и тоа се одразува добро на мечевите. Мислам дека како што одминува сезонава стануваме сѐ подобри. Се надевам дека ќе продолжиме така – вели Хендерсон.

Она што недостига за на вистински начин да се потврди фудбалската визија на Јирген Клоп се повеќето освоени трофеи. Се зборуваше за нова „династија на Енфилд“ по освоената титула во 2020 година. Но се случија пандемијата на ковид-19 и серијата повреди, на кои им се придодаде и отсуството на публика, што вкупно го разводни тој глад за нови успеси. Играчите и стручниот штаб сакаат повторно да се врати тоа чувство што го снема во периодот на играње на празни стадиони.
– Честопати треба да се надминат сите лимити во финалињата за да се освојат големите трофеи. Ќе дадеме сѐ од себе за стигнеме до целта, иако знаеме дека воопшто нема да биде лесно – рече Хендерсон.
Хендерсон се согласува дека Ливерпул и Челси имаат квалитети што финалето во Лига-купот би можело да го повторат и во Лигата на шампионите.
– Да, тоа се два многу добри тима способни за такво нешто. Челси освои неколку трофеи минатата година, така што е во многу добра ситуација. Ние знаеме дека кога освојуваш еден трофеј, некако продолжуваш и продолжуваш напред, имаш импулс да освоиш и уште еден или два – вели Хендерсон.