Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Не е едноставно да му пријдеш некому што не си платил за своето возење и да почнеш постапка за наплата, бидејќи доста често се случува лицето да избувне, па да е потребно да викаме полиција да нѐ заштити. Работата ни е доста ризична. Сме имале секакви случаи, од патници што уредно ќе се извинат и веднаш ќе си платат за возењето, до патници што веднаш почнуваат да ни се закануваат со прашања од типот „знаеш ли ти кој сум јас“, „знаеш ли кој ми е татко, вујко, чичко….“, „ќе леташ од работа одма, сега ќе се јавам, ќе видиш“, до такви што веднаш ги подготвуваат тупаниците да нѐ тепаат, само затоа што си ја вршиме работата. Со секаков народ си имаме работа и токму затоа нашиот пристап секогаш е претпазлив и никогаш не одиме еден по еден во автобус, туку повеќемина, за да се заштитиме, вели контролор во ЈСП

ЧЕСТИ СИТУАЦИИ СО ЗАКАНИ ВРЗ ЖИВОТОТ, РАБОТАТА И БЕЗБЕДНОСТА НА КОНТРОЛОРИТЕ ВО ЈСП

Колкава култура имаме, каков народ, какви млади генерации растеме, најдобро може да се согледа по нивното, но и по нашето однесување кон работите што ни се заеднички, но и по луѓето вработени во сите јавни сегменти и сервиси што работат и се поставени на тие позиции токму заради нас. Едни од тие вработени се контролорите во Јавното сообраќајно претпријатие, чија работа е една од најризичните, бидејќи никогаш не знаат на каков патник ќе налетаат, додека вршат контрола на тоа кој платил за своето возење, а кој не.

КОНТРОЛА ВО ГРУПИ ЗАРАДИ БЕЗБЕДНОСТ

Современиот начин на живот, постојаното брзање да стигнеме некаде, беспарицата и сите други предизвици на денешницата, несомнено од сите нас направија нервозни лица со низок праг на толеранција. Сепак, има и ситуации во кои и кога е наша обврската да платиме за одредена услуга, сепак, нервозата излегува во прв план, па избиваат разни инциденти како последица на неа.
За жал, тоа е најчеста слика во автобусите на ЈСП, каде што нервозните патници својот гнев најчесто го истураат врз контролорите, чија работа е да проверат и да ги санкционираат оние патници што не платиле за своето возење.
Таа работна обврска е една од најтешките, бидејќи, како што велат контролорите, никогаш не може да се знае на каков човек ќе налетаат.
– Не е едноставно да му пријдеш некому што не си платил за своето возење и да почнеш постапка за наплата, бидејќи доста често се случува лицето да избувне, па да е потребно да викаме полиција да нѐ заштити. Работата ни е доста ризична. Сме имале секакви случаи, од патници што уредно ќе се извинат и веднаш ќе си платат за возењето, до патници што веднаш почнуваат да ни се закануваат со прашања од типот „знаеш ли ти кој сум јас“, „знаеш ли кој ми е татко, вујко, чичко….“, „ќе леташ од работа одма, сега ќе се јавам, ќе видиш“, до такви што веднаш ги подготвуваат тупаниците да нѐ тепаат, само затоа што си ја вршиме работата. Со секаков народ си имаме работа и токму затоа нашиот пристап секогаш е претпазлив и никогаш не одиме еден по еден во автобус, туку повеќемина, за да се заштитиме – вели контролор во ЈСП, кој сакаше да остане анонимен.
Тој вели дека заштитата за нивната безбедност мора да се зголеми, бидејќи ништо повеќе не е како порано.
– Сега имаме случаи во кои малолетници, деца што одат на училиште, со себе носат ножеви, боксирачи, се движат во групи и можат буквално да нѐ чинат живот. И токму тие се и најсилни на зборови, но и на дело – вели тој.

ДУРИ 81 СЛУЧАЈ НА НАСИЛСТВО ВО АВТОБУСИТЕ

Токму неодамна скопската јавност беше шокирана кога Министерството за внатрешни работи во своите дневни билтени објави за случај, во кој контролор на ЈСП беше нападнат од малолетник.
– На 17.2.2022, во Полициската станица во Аеродром, Ф.Б. (39), од селото Сарај, Скопско, пријавил дека во осум часот, кај Транспортниот центар Скопје, додека вршел контрола на билети во автобус, бил физички нападнат од малолетник од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по членот 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир – информираа од МВР.
Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, велат дека, за жал, имаат ситуации како горенаведените.
Според годишниот извештај за работењето на ЈСП „Скопје“, во периодот јануари-декември 2021 година, биле регистрирани 81 проблем во возилата од јавниот превоз на ЈСП „Скопје“ по разни основи.
– Од 81 регистриран проблем, некои се проблеми на релацијата патник – возач, односно 13 напади на возачи, осум закани врз возачи и проблеми на релацијата патник – контролор, каде што се регистрирани 15 вербални расправии и четири напади врз контролори, а има и три тепачки помеѓу патници и други инциденти – информираат од ЈСП.
Оттаму додаваат дека посочените инциденти се регистрирани од страна на Внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“, односно пријавени инциденти во МВР.
– Во вакви ситуации, возачот/контролорот/патникот може да побара асистенција/помош за решавање на проблемот во Внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“, односно МВР – велат од сообраќајното претпријатие.


Градот и МВР со проектот „За безбеден град“

Неодамна, во големата сала на Советот на Град Скопје се одржа меѓуинституционална координативна средба за продолжување на проектот „За безбеден град“. На средбата учествуваа претставници од средните училишта на Град Скопје и претставници од Одделението за превенција при СВР-Скопје, со цел утврдување на понатамошните насоки и активности поврзани со реализацијата на овој проект, во согласност со годишната програма на Одделението за превенција при СВР-Скопје, што се однесува на преземање превентивни мерки и активности за подобрување на општата безбедност.
– Целта на овој проект е подобрување на севкупната и личната безбедност на учениците, а наедно и намалување на сите облици и типови насилство меѓу учениците, насилство на спортски натпревари и други облици на непримерно и девијантно однесување на јавни места поврзани со младата популација, како и ширење говор на омраза на социјалните мрежи, вклучувајќи и меѓуврсничко насилство и безбедност во сообраќајот.

[email protected]