Во секоја фаза од пандемијата на ковид-19, здравствените работници од заедницата беа незаменливи. Тие поставуваа дијагнози, вршеа следење на контактите, се грижеа за болните и ја спроведуваа вакцинацијата. Тие ги извршуваа сите овие задачи со минимално финансирање, надзор и помош.
Вклученоста на овие здравствени работници во руралната здравствена заштита има долгогодишен успех. Во 1960-тите, кинеските „лекари на терен“ ѝ помогнаа на земјата да ги искорени големите сипаници и двојно да го зголеми животниот век на луѓето. Една деценија подоцна, Бангладеш делумно ја презеде кинеската иницијатива кога ја започна својата програма за здравствени работници од заедниците, која ѝ помогна на земјата да оствари најголем дел од милениумските развојни цели поврзани со здравјето, како што е подигнување на стапката на вакцинација против дифтерија-тетанус-пертусис кај децата од руралните средини од речиси нула во 1980-тите до повеќе од 90 отсто денес.
Здравствените работници од заедниците не се лекари или медицински сестри. Тие се локални жители со основна медицинска обука, кои помагаат да се премости јазот помеѓу здравствените установи и недоволно опслужените популации. Обично, тие се обучени од невладини организации и добиваат мал или никаков надомест од нивните влади. Всушност, неколку влади во светот водат евиденција за здравствените работници од заедницата или имаат начин да комуницираат со нив. Овие посветени луѓе може да бидат столбот на флексибилните здравствени системи што се потребни за управување со следната пандемија. Но, за да се случи тоа, потребна им е поголема поддршка.
Предизвиците со кои се соочуваат здравствените работници од заедницата во светот се значајни. Многумина, како и 50.000 женски здравствени волонтери од заедницата во Непал, се неплатени, иако вредноста на бесплатното лекување и трудот што тие работници го обезбедуваат во светот се проценува на 1,5 илјада милијарди долари. Но парите се само еден проблем. Во Бразил, некои здравствени работници од заедницата добиваат само една или две недели обука пред да започнат со работа без надзор. Здравствените работници од заедницата во Етиопија поминуваат повеќе време на патување отколку на лекување пациенти поради руралната и оддалечената природа на заедниците на кои им служат. Истражување во Либерија во 2018 и 2019 година покажа дека помалку од половина од здравствените работници во заедницата имале резерви на цинк или амоксицилин, кои можат да спасат нечиј живот. Нешто повеќе од половина располагале со орален раствор за рехидратација и лекови за маларија, кои се клучни алатки во земја каде што илјадници луѓе умираат од дијареја и маларија секоја година.
Не е ни чудо што многу програми за здравствени работници во заедницата се борат со високи нивоа на трошоци и многу слободни работни места. Во Бангладеш, 15 отсто од позициите се отворени во секое време. Приливот и одливот на работници ги зголемуваат трошоците, бидејќи замените треба да се регрутираат, обучат и распоредат. Исто така, го намалува квалитетот на грижата, бидејќи новите работници генерално имаат помалку практично искуство во обезбедувањето здравствени услуги. Пандемијата ја изложи потребата за силни приспособливи здравствени системи, особено во недоволно опслужените заедници. За да ги изградиме овие системи, мора да најдеме начин да регрутираме, тренираме, опремиме, надгледуваме и соодветно да ги наградуваме работниците од првите борбени линии.
За почеток, групите што работат со програми за здравствени работници од заедницата треба да ги прегледаат и да се стремат да ги следат препораките на СЗО за поддршка на здравствените работници од заедницата.
Покрај тоа, владите треба да развијат и да одржуваат ажурирани, геореференцирани национални регистри на здравствените работници во заедницата, кои може да се користат за да се соопштат пораките за јавното здравје, да се подобрат врските помеѓу руралните заедници и здравствените клиники и да се управува со кризите. Следењето на работата на здравствените работници во заедницата, исто така, може да помогне во гаранциите дека поседуваат соодветна обука и опрема.
И на крајот, владите и финансиските партнери треба да бараат други начини да им помогнат на здравствените работници од заедницата. Невладината организација „Ворлд бајсикл релиф“, работејќи со граѓански организации, како што е „Одборот за католичка медицинска мисија“, и со министерствата за здравство во седум земји, дистрибуира речиси 175.000 од своите специјално дизајнирани велосипеди, со што им се овозможи на здравствените работници во заедницата да го намалат времето на патување до своето работно место за да им се посветат повеќе на пациентите. Велосипедите ги подобрија здравствените резултати во неколку африкански земји. Во Кенија, здравствените работници во заедницата што возат велосипед прегледале 88 отсто повеќе пациенти и упатиле 50 отсто повеќе пациенти на специјалистички прегледи за туберкулоза во локалната клиника. На овој начин, здравствените работници во заедницата во Замбија четирикратно ја зголемија зачестеноста на посетите на нивните пациенти. Во Малави го удвоија бројот на пациенти што можеа да ги посетат.
Кога ќе заврши акутната фаза на пандемијата на ковид-19, тоа во голема мера ќе биде благодарение на неуморната работа на здравствените работници во заедницата. Најдоброто нешто што светот може да го направи за максимално да ја зајакне нивната ефикасност во идните кризи е да се погрижи тие да бидат соодветно обучени, опремени, овластени, па дури и наградени за трудот.
Мери Бет Пауерс е извршна директорка на невладината организација „Одбор за католичка медицинска мисија“. Дејв Нејсвандер е извршен директор на невладината организација „Ворлд бајсикл релиф“