ДУИ силна, СДСМ слаба, Пендаровски неутрален, ВМРО покрај аут-линијата

АНАЛИЗА НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА

Јадрото на македонското политичко соѕвездие го сочинуваат три елементи. Првиот е најсилен, вториот е слаб, третиот е условно неутрален. Силниот е партијата со име Демократска унија за интеграција (ДУИ), слабиот е Социјалдемократскиот сојуз, а неутралниот е изразен преку функцијата на претседателот на државата Стево Пендаровски. Присутен е и четвртиот елемент. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, играчот надвор од сферата на јадрото.  Мерено со сите релевантни параметри што сочинуваат еден систем, ДУИ речиси дваесет години е најсилната и највлијателна партија во Република Македонија, сега Северна. Произлезена од воена формација, од Ослободителната армија на Албанците (ОНА – УЧК), третирана како сепаратистичка и терористичка организација, која во 2001 година го започна оружениот конфликт во Македонија, прерасна во неодминлив фактор на македонската политичка сцена. Од нејзиното формирање во мај 2002 до денес оваа албанска полупартија, полуорганизација, се пласира на врвот на политичките збиднувања во државата, менувајќи ја коренито како во општественото така и во уставното и националното организирање.

Уште еднаш за феноменот ДУИ

Формално третата партија по број на членство и гласачи, стана прва по сила, по акција, по број на остварени промени. ОНА го предизвика и донесе Охридскиот рамковен договор, а ДУИ предизвика и оствари неколку крупни промени на Уставот на Република Македонија, ширејќи ги во него правата на Албанците, стеснувајќи ги на Македонците. Феноменот на успехот на ДУИ може да се согледа и низ проценти. Добивајќи на собраниски избори гласови во распон од 7 до 14 отсто од вкупниот број на гласачи, имајќи само 16-19 пратеници во 120-члениот собраниски состав, партијата успеа да ги реализира речиси сите свои програми и проекти, сите национални задачи и потреби.
Нејзиното учество во врвовите на органите на судската, извршната и законодавната власт, во органите на институциите и во јавните претпријатија го доведе процентот повисок и од 50 отсто, при што најизразен е примерот со составот на новата влада на Димитар Ковачевски. Преку министерствата за финансии, економија и екологија и низ низа јавни претпријатија, ДУИ ги држи важните ресори каде што се вртат парите и тендерите. Преку Министерството за политички систем ја обликува статусната положба на етничките заедници во државата, давајќи им притоа видлив примат на албанските интереси, сосема запоставувајќи ги интересите на другите.
На ДУИ, преку Бујар Османи, Артан Груби и Јетон Шакири, дадено му е да го вее знамето за решавање на најкрупното прашање во историјата на македонскиот народ по формирањето на македонската држава. Тоа е националното прашање на Македонците поврзано со нивниот идентитет, јазик и писмо. Во рацете на споменатата тројка е текот на дијалогот и решението на сложените односи со Република Бугарија, толкувањето на историјата и ревизијата на учебниците во согласност со бугарските барања.
Неприкосновен лидер на партијата од нејзиното формирање до денес е поранешниот воен командант Али Ахмети. Под неговата диригентска палка целиот партиски хор пее иста песна, нема фалш-ноти или гласови, а ако ги има, брзо се елиминираат. Брзо се чистат или хармонизираат. Ахмети и неговата партија живеат доста удобно под чадорот на учество во власта. Тие останаа недопирливи и во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Таа супердржавна заштита највоочливо се покажа кога Зоран Заев ги објавуваше бомбите. Со нив ги уништи ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски сосе целата негова џетсет-компанија. Иако јавно се закануваше, Заев не го допре Ахмети, ниту настрада некој од неговите, дури и оние фатени со рацете во медот. По жестоката меѓумакедонска пресметка, освен СДСМ, со големи проценти профитира и ДУИ.

СДСМ – слабата алка

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, и покрај самоувереноста и ароганцијата, е слабата алка во сегашниот распоред на силите во македонската политика. Од доаѓањето на Владо Бучковски на чело до денес е партија што живее во криза со низок интензитет. Кога се вели во криза се мисли не само во внатрешниот програмски и национален проект туку во идеолошка, државотворна, кадровска, морална и национална криза. Од доаѓањето на Зоран Заев наваму, преку вербалната и крајно неуспешна игра со Европската Унија, ја губи македонската национална подлога. Наместо левица, се претвори во чиста десница.
Од дамнешната изјава на Заев дека Македонија мора да ја свитка кичмата до денешен ден не само кичмата, на Македонија и на Македонците им е свиткан и вратот. Под водство на СДСМ, наводно лева, социјална и демократска партија, Македонија се демакедонизира. Оваа партија на власт во Македонија, преку Спогодбата и од Преспа и преку Договорот за пријателство со Бугарија, го промени името, ги избриша македонските атрибути на сите национални институции, ги доведе во прашање историјата, идентитетот, јазикот и писмото, прашања за кои близу сто години се мислеше дека се трајно јасни и решени. Со инсистирањето во официјалните обраќања насекаде да се употребува новото име Република Северна Македонија, со избегнувањето од употреба на термините Македонци и македонски народ и со нивното елиминирање од комуникацијата, отворено придонесува за ширење страв меѓу луѓето. Во крајна линија, таа наметлива упорност води кон сместување во историска архива на тие национални термини и обележја.
Таа власт изнедрена низ големите лаги на Шарената револуција, освен исчекорот кон НАТО, сѐ друго подведе под сомневање. Не оствари речиси ништо од тоа што ветуваше, реализира многу нешта што и не ги споменуваше или претходно ги демантираше. Царското владеење на Заев и неговата компанија, работејќи зад грбот на народот, му нанесе непроценливи штети на македонското национално прашање, го предаде него во бугарски скутови и остави трауматични последици по иднината на државата.
Според секое нормално размислување, логично би било да се заклучи дека ДУИ би требало да биде сателитот што ќе се врти околу сонцето на СДСМ. Тоа е логички, но реално е дека СДСМ е сателитот што се врти околу месечината на ДУИ. Личи на парадокс, надвор е од здравиот разум, но живее во реалноста оваа бесмисленост.

Пендаровски меѓу Уставот и моралната сила

Третиот клучен елемент во јадрото е претседателот Пендаровски, кој е при крајот на третата година од својот мандат. Господинот Пендаровски очигледно се труди да не крева многу врева околу себе, што, се разбира, е достојно за човек на таква функција и за личност што градела тивка ненаметлива кариера. А и искуството од претходниците го учи дека грлестиот и префокусиран пристап не е најпожелен. Неговата позиција на неутрален играч, секако не набљудувач, напати е сфаќана како намера, напати како оправдување за сложената уставна поставеност на функцијата. Ветувањата за непристрасно, објективно набљудување, толкување и објаснување на актуелните настани, ако досега беа ставани под сомневање поради влијанието на Заев врз него, сега таа линија е послободна за дејство. Останува отворено прашањето како ќе кооперира со новите кадри од СДСМ и Владата што не се негова генерација и мисловна категорија. И каков однос ќе имаат тие кон него?
Во мирна, демократска, развиена и богата држава, личност како Пендаровски би била идеална за претседател на таква држава каде било во светот. Но бидејќи Република Македонија не припаѓа на тој свет, и неговата улога овде е сложена и секогаш подложна на сомневања. Навистина, Пендаровски нема големи уставни и законски овластувања и тој, барем досега, чесно се држи во тие рамки. Но бидејќи секоја претседателска функција, освен политички, на располагање има и еден друг адут, што е помалку обврзувачки за премиерите или министрите. Тој кец во ракавот е моралниот аспект, неговата улога на татко на нацијата (иако изразот е претеран и архаичен) му дава секакви морални права да биде релевантен советник, коректор и насочувач во одредени области и моменти што ги тангираат целата држава и нејзините граѓани.
Во оваа смисла, и во актуелната ситуација во односите со Бугарија граѓаните Македонци очекуваат претседателот да биде постабилен во застапувањето на државните и националните интереси, вклучувајќи ги интересите на мнозинскиот народ, односно на Македонците. Иако со неколку потези и гестови (како со приемот на Македонците од Бугарија) покажа високи државнички доблести, сепак кај еден дел од македонската јавност владее одредена скепса околу неговиот вистински став по прашањето за идентитетот, јазикот и писмото.
До каде се неговите црвени линии? Ќе приклони ли кон младата владејачка гарда што е растена без лекции по историцизам и без силно развиено национално чувство и е подготвена многу нешта да понуди на тацна? Ќе подлегне ли на притисоците, надворешни и домашни, или ќе покаже храброст да додржи на изреченото ветување преку реченицата: „Што ќе ни е ЕУ ако не сме Македонци, ако немаме македонски идентитет и македонски јазик“? Прерано е да се прогнозира кандидатурата за негов нов мандат, но уште сега се насетува дека токму решавањето на спорот со Бугарија и неговите ставови и постапки во тој контекст, ќе бидат пресудни за неговата политичка иднина.

Мицковски и Рубикон

Играчот што облетува во орбитата околу тројното актуелно јадро е ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, предводена од лидер што има високи знаења и од физиката, како да ја потврдува теоријата за гравитација и за слободниот пад. Таа потврда се огледа во успехот на локалните избори и неуспехот да состави мнозинска коалиција и да формира нова влада. Партијата, оптоварена со анационалните ставови на првиот претседател Љупчо Георгиевски и тешките обвинувања за криминал и корупција на владата на пребеганиот Никола Груевски, тешко ги лекува раните на своето минато. Тој железен ѓердан околу вратот ја влече надолу и не влева многу оптимизам за враќање на власт.
Христијан Мицковски, лидерот што со тешка мака, но упорно ја гради довербата кај членството, ја испушти големата иницијатива што ја имаше веднаш по локалните избори. Неговото колебање да го премине Рубикон и да предизвика предвремени избори можеби е нарачка од странските фактори, чии препораки, сакал-нејќел, мора да ги почитува. Можеби е во прашање стратегијата на чекањето СДСМ да го реши спорот со Бугарија на македонска штета и тоа да биде еден од факторите за негова победа. Што е во прашање си знае самиот.
Форсирањето и фокусирањето на националните прашања во сегашнава ситуација може да му биде меч со две сечила – или да претера со нив или да ги разводни и да ги потроши предвреме. Неговите повици за барем минимум зближување со СДСМ се разумни, но тешко прифатливи од другата страна. Така што и двете македонски партии продолжуваат да работат на македонска штета, да губат доверба на своја сметка, овозможувајќи да профитираат непречено другите внатрешни и надворешни фактори.

pande.k@novamakedonija. com.mk