Дефанзивецот на Лидс, Робин Кох (на мечот со Манчестер јунајтед во неделата), стана последниот играч што остана на теренот по сериозна повреда на главата. Со соопштение се јави и ПФА, која е меѓу оние што се залагаат за привремени замени: „Повредата на Робин Кох покажува дека сегашните протоколи за потрес на мозокот во фудбалот не даваат приоритет на безбедноста на играчите“

АНГЛИЈА – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Фудбалот во Англија е обвинет за „еклатантно непочитување на здравјето на играчите“, како и за тоа дека заложбите за трајна замена при потрес на мозокот не дадоа плод, откако дефанзивецот на Лидс, Робин Кох (на мечот со Манчестер јунајтед во неделата), стана последниот играч што остана на теренот по сериозна повреда на главата. Кох се судри со Скот Мектомини во 13. минута од мечот, но по третманот за запирање на крвта што му течеше, му беше дозволено да го продолжи мечот, за потоа да биде заменет во 31. минута, пишува весникот „Телеграф“.
Фудбалските челници во Англија ги игнорираа повиците од коалицијата невролошки експерти за воведување привремени замени при потрес на мозокот како во рагбито, додека му се укажува медицинска помош на повреден играч. Протоколите во Премиер-лигата им дозволуваат на играчите да продолжат да играат доколку „нема непосредни симптоми за потрес на мозокот“. Менаџерот на Лидс, Аргентинецот Марсело Биелса, рече дека Кох бил повлечен од игра поради крвавењето, а не поради симптоми на повреда на мозокот.
Дон Астл, која е водач на проектот за невродегенеративни болести во Асоцијацијата на професионални фудбалери (ПФА), рече дека сегашните протоколи „ни оддалеку не се добри“ и дека справувањето со потресот на мозокот не е подобрено откако фудбалските челници се решиле за трајни наместо за привремени замени.

– Тоа е бесрамно непочитување на здравјето на играчите – изјави Астл, додавајќи дека „секоја недела“ гледаме како медицински лица чекаат да видат како реагира играчот по сериозен судир со глава, наместо да преземат итни мерки.
Со соопштение се јави и ПФА, која е меѓу оние што се залагаат за привремени замени: „Повредата на Робин Кох покажува дека сегашните протоколи за потрес на мозокот во фудбалот не даваат приоритет на безбедноста на играчите. Воведувањето привремени замени би овозможило рестартирање на натпреварот без да биде обесправена ниту една екипа, намалувајќи го притисокот врз играчите и врз медицинските тимови“.
Во рагбито, лекарите имаат 12 минути за да донесат одлука по процената на повредата на главата. Симптомите на потрес на мозокот често се одложени и затоа дополнителното време ја зголемува можноста за точна процена.