Вкупно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите со Македонија, а за придржување до досегашниот поцврст став се изјасниле 49 отсто од испитаниците кај нашиот источен сосед, додека 20 проценти немаат став.
Ова го покажуваат резултатите од анкетата на Агенцијата „Алфа рисрч“, објавено денеска, а спроведено во периодот од 6 до 14 февруари на примерок од 1060 испитаници.
Во претходните анкети околу односот спрема Македонија за време на Владата на Бојко Борисов и министерката Екатерина Захариева поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто.
Според Агенцијата, по ова прашање, тенките црвени линии не минуваат само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи. Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучително и оние на Промената продолжува, на премиерот Кирил Петков, му даваат предност на досегашниот пристап. Тоа не значи дека новиот пристап е осуден на неуспех, но ја потврдува старата максима – не е доволно да се каже, важно е да се убеди, наведуваат од Агенцијата. И очигледно, токму во убедувањето на теми кои не се директно поврзани со противењето на претходните владетели, новата влада трпи значителни дефицити.
Инаку, во анализата на Агенцијата се наведува дека според речиси сите главни показатели кои Алфа Рисрч ги следи повеќе од 20 години, мислењата на луѓето се многу поларизирани. И покрај промената на седум редовни влади во овој период, беше многу ретко да се види толку брзо и различно темпо во еволуцијата на ставовите на јавноста во раните месеци на една влада, како што е забележано во тековната студија на агенцијата.
Во односот рејтинзите на политичките лидери во моментов, претседателот Румен Радев го започнува својот втор мандат со доверба од 51% и недоверба од 23%. Тој ја задржува својата позиција како прворангирана институција, добивајќи поддршка од три главни групи поддржувачи: Промената продолжува (78%), БСП (91%) и ИТН (67%). Така, нивото на одобрување за шефот на државата кај електоратот на владејачките партии далеку ја надминува поддршката за владата. Единствен исклучок се поддржувачите на Демократска Бугарија, меѓу кои довербата и во владата и во претседателот е иста (36% – 38%). За претседателот оваа ситуација е неспорно профитабилна, но за владата е меч со две острици бидејќи не и гарантира доволно стабилна поддршка во ситуација на конфликтен избори, оценува Алфа рисрч.
Спроред анализитре, иако несогласувањата (на темата С Македонија, промените во Булгаргаз, начините за борба против корупцијата итн.) се прилично ретко изразени јавно, тезите на претседателот Румен Радев одекнуваат трипати посилно (34% од испитаниците ги делат) од оние на премиерот Кирил Петков (само 12% се на негова страна во случај на несогласување со Радев).
Во однос на рејтинзите на партииите, пак, Промената продолжува е на прво место според поддршката – 24,4 отсто, додека наклоноста за ГЕРБ на Борисов е намалена за 4 поени и сега за нив би гласале 18,1 отсто. БСП е со поддршка од 9,8 отсто. Продолжува да опаѓа поддршката за Има таков народ, која сега изнесува 6,6 отсто. Поддршката за Демократска Бугарија останува непроменета во однос на последните избори – 6,4 проценти. Партијата на Турците, ДПС, има традиционална поддршка – 7,2 отсто, а националистите од Преродба имаат поддршка од 5,2 отсто.