Фото: Твитер/МНР на Полска

Во воената база „Реџиково“ во Полска, се наоѓа чувствителна американска воена инсталација која се очекува да биде ставена во функција годинава, а за која Вашингтон инсистира дека ќе помогне во одбраната на Европа и на САД од балистички ракети. Но за рускиот претседател Владимир Путин, воената база во Полска, како и друга база во Романија, се доказ за заканата од проширувањето на НАТО на исток, а делумно и оправдување за поставување на трупите долж украинската граница, пишува „Њујорк тајмс“.

Пентагон истакнува дека двете бази се од одбранбен карактер, наведувајќи дека се неповрзани со Русија, но Кремљ верува дека би можеле да бидат искористени за соборување на руски ракети или за истрелување на крстосувачки ракети.

Ракетниот систем во полската база содржи софистицирани радари способни за следење на непријателски ракети, како и пресретнувач на ракети што може да ги собори. Таа е екипирана и со лансери за наведувани ракети „МК41“ за кои Русија смета дека лесно би можеле да бидат пренаменети за офанзивни дејствија.

– Сегашната криза е многу поширока во однос на Украина која претставува точка за стекнување предност, но всушност повеќе се работи за Полска, Романија и за Балтикот. Русите мислат дека е време за ревизија на состојбата во Европа по Студената војна, во нивна корист – вели Томас Греам кој беше во Националниот безбедносен совет во администрацијата на поранешниот американски претседател Џорџ Буш.

Директорот на Фондацијата „Казимир Пуласки“ од Варшава, смета дека затворањето на базата „Реџиково“, која се наоѓа на работ на шума во Полска, претставува црвена линија преку која САД и Полска нема да преминат, како одговор на барањата на Москва од декември минатата година.

Се смета дека Москва ја гледа ракетната одбрана како опасен американски обид за сузбивање на главната гаранција за статусот на голема сила на Русија – нејзиниот нуклеарен арсенал. А можноста на САД за соборување на руските балистички ракети ја подрива сегашната Доктрина за гарантирано меѓусебно уништување, според која двете најголеми нуклеарни сили не би ризикувале нуклеарна војна, бидејќи таа би значела меѓусебно уништување, заклучува „Њујорк тајмс“.

Русија во изминатите два дена извести за повлекување на силите од границата со Украина, која пак сигнализираше намера за следење на амбициите за придружување на НАТО, што претставува клучно прашање во сегашниот конфликт со Москва. Путин бара од НАТО да го намали присуството во Источна и во Централна Европа, што Вашингтон и европските лидери го одбија.