Во големата акција спроведена во Шпанија, Белгија, Хрватска, Германија, Италија и во Холандија учествуваа над 600 полицајци од сите овие земји, координирани од Европол, кои ѝ се спротивставија на силно организирана албанска криминална организација, распространета со свои активности на повеќе континенти
Европол разби голема криминална организација на Балканот
Разбиена е една од најактивните албански мафијашки групи за шверц на кокаин, чии членови биле Албанци, а уапсени се 45 лица, соопшти Европол. Според соопштението, биле спроведени поголем број акции во повеќе земји од Европската Унија, каде што биле претресени над 80 локации. Како што се наведува, уапсените увезувале кокаин од Латинска Америка до различни европски пристаништа, организирале превоз со авиони, бродови, автомобили и камиони и вршеле трговија на големо преку Шпанија и други земји од Европската Унија.
Како што пренесуваат медиумите на албански јазик, членовите на криминалната група користеле шифрирана комуникација и редовно патувале во Дубаи, во Мексико и во Колумбија.
Големата полициска акција беше спроведена во Шпанија, Белгија, Хрватска, Германија, Италија и Холандија, а учествуваа над 600 полицајци. Европравда (агенција на Европската Унија за соработка во кривичната правда) формира мрежа за олеснување на комуникацијата меѓу судските власти, додека Европол организира интензивна размена на информации потребни за подготовка за последната фаза од оваа истрага, се додава во соопштението.
Истрагата беше поведена во Белгија, во септември 2020 година, откако беше запленето големо количество дрога и хемикалии што се користат за зачувување кокаин.
Во соопштението натаму се наведува дека оваа криминална мрежа формирала синџир на компании во различни земји за перење на парите добиени од шверцот на дрога во вредност од неколку милиони евра, вклучувајќи и во Хрватска и во Шпанија, а главно користејќи други луѓе како параван.