Фото: Игор Бансколиев

Поскапувањето на електричната енергија, нафтата и последиците од ковид-кризата имаат големо неповолно влијание врз земјоделството, што може да доведе и до намалување на производството на храна и до недостиг од одредени производи. Како да се надминат ваквите состојби

Поскапувањето на електричната енергија, но и на горивата и гасот стануваат сѐ поголем товар за компаниите од областа на земјоделството, поточно за оние што произведуваат храна и хранливи продукти. Инволвираните укажуваат дека иако трошоците им се значително зголемени, не се сите во можност да ги вкалкулираат зголемените трошоци во цените поради замрзнатите цени на одредени продукти во малопродажба. Производителите нагласуваат оти досега се обидувале да се носат со зголемените цени на енергентите, но потенцираат дека трошоците се превисоки и додаваат дека стравуваат од затворање на своите компании и производни центри.
Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ), вели дека поскапувањето на електричната енергија, нафтата и последиците на ковид-кризата имаат големо негативно влијание врз земјоделството.
– Токму тоа ги поскапе цените на репроматеријалите за 40-50 отсто со тоа што производната цена на сите земјоделски производи е поскапена, додека продажната цена останува иста. Во моментот во Националната федерација на фармери имаме реакции од земјоделците од сите сектори во овој дел за поскапување на репроматеријалите и тоа ќе ги носи во загуба во делот на производството, односно ќе произведуваат за повисока цена, а приходите ќе им бидат намалени. Како последица од овој проблем може да дојде до намалување на производство на храна, бидејќи земјоделците нема да можат да работат со загуба – потенцира Петровска-Митревска.
Дека растот на цените на енергентите влијаат негативно во агросекторот укажува и Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори на Македонија. Тој вели дека цената на гасот овој период е од седум до осум пати повисока од пред почетокот на пандемиската криза, а цената на електричната енергија е четири пати повисока споредно со истиот период.

– Ова се споредби што се однесуваат на цените на енергентите на слободниот пазар. Неопходно беше да се потпишат договори со доставувачите на енергенти, бидејќи нема избор, фирмите мора да работат, вработените мора да земаат плата, даноците мора да се плаќаат. Апсолутно со овие цени на енергентите, фирмите се доведуваат до работ на бездна, односно до банкрот, нема фирма што со овие калкулации може да опстане. Единствено можно решение се субвенции, кои ќе овозможат да се надминат овие тешки времиња. Нашето барање е државата да овозможи цената на електричната енергија да се субвенционира до реалната производна цена што се произведува во државните капацитети или до цената што веќе ја имаат регулираните потрошувачи во рамките на енергетскиот систем. Состојбата со пченицата и со брашното е многу турбулентна. Минатогодишните цени беа 170 евра за тон пченица и 220 евра за тон брашно, оваа година се 300 евра за тон пченица и 350 евра за тон брашно, односно апроксимативно, пченицата е поскапена за 30 отсто, а брашното за 20 отсто. Ова е состојбата што е во моментов на берзите. Мора да се истакне дека има тенденција на понатамошно зголемување на цените, а овој тренд ќе предизвика сериозен притисок на произведувачите, кои без субвенции и помош од државата тешко ќе се справат со овој ценовен удар – потенцира Ѓорѓиевски.
Според него, за да се наминат проблемите треба да има субвенции во однос на енергентите и да се активираат стоковните резерви за стратегиските прехранбени суровини. Укажува дека е потребно да се обезбедат прифатливи цени на енергентите за производните процеси и да се обезбедат евтини влезни производни суровини, кои ќе овозможат максимум ниски цени на стратегиските прехранбени финални производи. Ѓорѓиевски исто така објасни дека со евтини кредитни линии, или со поддршка за производни и извозни претпријатија преку грантови за купување нова техничка опрема, како и да се обезбеди финансиска поддршка за нови инвестиции.

Скапите енергенти го вклучуваат алармот кај сите производителите на храна, а ценовниот притисок особено се чувствува кај производителите на јајца, основен продукт во прехраната чии цени се замрзнати до крајот на овој месец. Сопствениците на живинарски фарми алармираат дека сите трошоци им се зголемени, а цените замрзнати, што им го прави производството неисплатливо и на раб на затворање.
– Со поскапувањето на струјата, но и на гасот, и на сите влезни трошоци што ги имаме во производството на јајца, наскоро веќе нема да се исплати да ги чуваме кокошките. Ќе бидеме принудени да ги пуштиме на слобода и да се откажеме од производство на јајца, освен ако не ги тргнат замрзнатите цени – вели еден сопственик на живинарска фарма и голем производител на јајца, кој инсистираше на анонимност.
Претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски, истакна дека во современото земјоделско производство, енергентите имаат голем инпут во формирањето на крајната цена на земјоделскиот производ.
– Со нивно покачување автоматски пораснува и производната цена. Како еклатантен пример за лошо работење во областа на земјоделското производство, и искористување на енергентите, е комплетниот прекин на раноградинарското производство со греење на стаклениците (најчесто со скапиот мазут). Тој недостиг од рани домати и краставици, се надоместува од увоз, наместо од нашите производители. За примерот да биде позбунувачки под нашата земја има огромни резерви на геотермална енергија, но прашањето е зошто тие не се користат, зошто не ги користиме нашите природни ресурси – посочува Станковски.
Тој вели дека сите влади воведоа исплата на субвенции во земјоделството, кои достигнаа до огромни 150 милиони евра, но ниту една влада не вложила ни еден денар во таа бесплатна енергија (каде што на некои места избива природно од земјата). Според Станковски, и таму каде што земјоделците го користеле природниот истек на геотермалната топла вода од Бањата Банско биле стопирани да ја користат со поставување високи такси од страна на концесионерот.

Автори: Катерина Михајлова Петранка Огнаноска