Четвртоодделеката Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие, затоа што, за жал во нашето општество се уште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби, напиша министерот за образование Јетон Шаќири, на Фејсбук.
– Но, на мое лично и уште повеќе на задоволство на членовите на нејзиното семејство, а најмногу на нејзино задоволство од денес таа е повторно меѓу соучениците и неизмерно среќна што продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници. Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал – напиша Шаќири.
Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем, вели тој, е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме.
За девојчето до Даунов синдром родителите на децата поднеле петиција да не учи во исто одделение со другите деца, туку да биде одвоена поради тоа што, како што наведуваат, била агресивна, што беше дематирано од родителите.