Реализацијата потфрла, прво, поради слабиот капацитет на институциите од планирање, документирање, операционализација/извршување до контрола и, второ, поради системот на јавните набавки – непотребната компликација и неефикасната процедура при реализацијата на набавките и договарањата, а сето тоа влијае на намалениот интензитет на реализација како причина
Капиталните инвестиции за 2021 година стигнаа до ниво на реализација од 78 отсто. Иако се на повисоко ниво од 2020 година, сепак извршувањето на капиталните инвестиции останува проблематично секоја година. Кој е проблемот со недоволно реализирање на овие инвестиции, дали се потребни подетална анализа и идентификација на проблемите со кои се соочуваат одделните институции при реализацијата на капиталните инвестиции? Токму за овие прашања разговараме со релевантни институции и универзитетски професори.
Секоја година се потфрла во реализацијата на капиталните инвестиции. Во проектирањето на буџетите се прават оптимистички проекти, а во однос на завршувањето на работите тие се далеку од проекциите. И за ланската година, од Владата најавуваа дека капиталните инвестиции ќе надминат 90 отсто реализација, но на крајот на годината, како и многу наназад, не се стигна ниту до ниво од 80 отсто. Експертите уште еднаш посочуваат дека треба да се носат реални планови за проекти што се од клучно значење за граѓаните.
– Имајќи ги предвид околностите со ковид-кризата, приоритетите и потребите во оваа област, реализацијата на капиталните инвестиции од 78 отсто во 2021 година е повисока не само во однос на претходната 2020 година туку и во однос на многу години претходно, кога просекот не поминувал повеќе од две третини од планираните – вели универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети.
Според него, при релативната споредба на динамиката на реализација на капиталните инвестиции, за да биде што е можно пореална, секогаш треба да се имаат предвид неколку аспекти.
– Прво, дали споредбата конзистентно се прави на основа на почетните планирања или, пак, на ребалансираните состојби кај нив (обично на почеток се планираат на многу повисоко ниво, а потоа со ребалансите тие се намалуваат поради најразлични причини). Второ, структурата на реализација – кои видови капитални инвестиции? Дали продуктивните или, пак, сите што спаѓаат во таа класификација. Трето, дали финансиската реализација одговара на физичката реализација или, пак, при крајот на годината се форсира исплатата, па макар и на нереализирани работи – истакнува Беџети.
Тој укажува дека реализацијата на капиталните инвестиции потфрла, прво, поради слабиот капацитет на институциите од планирање, документирање, операционализација/извршување до контрола и, второ, поради системот на јавните набавки – непотребната компликација и неефикасната процедура при реализацијата на набавките и договарањата, сето тоа во име на спречување на корупцијата, и токму тоа влијае на намалениот интензитет на реализација како причина.
– Сметам дека е потребно повеќе да се работи, а не да останува само на хартија. Наедно треба да се поедностави системот на јавни набавки со паралелно зголемување на транспарентноста и надзорот. Надзорот треба да биде поинаку платен, за да не го „исплаќа“ другата страна. Потоа е потребно перманентно зголемување на капацитетот на институциите. Но овие реформи лесно е да се наведуваат реторички, ама не се лесни за реализација. Комплексни се овие прашања. Доколку тоа не се прави со фронтален и истовремен зафат (сите системски структури, почнувајќи од законодавната, извршната, судската, медиумската и невладиниот сектор), нема да има значителни резултати во иднина – нагласува Беџети.
Анализа направена од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ укажува дека во структурата на капиталните расходи за 2022 година доминантно учество имаат вложувањата во градежни објекти. Сепак, аналитичарите нагласуваат дека досега при секој ребаланс таа ставка била „прва на удар“ и значајно се кратела, а ставките со помали износи, купување возила и стратегиски стоки имаат двократен и трикратен раст.
– Со оглед на неизвесноста од пандемиската и енергетската криза, очекуваме надолно коригирање на „развојните“ ставки со првиот ребаланс. Притоа, капацитетот за реализација на капиталните инвестиции останува ограничен. Дополнително, уделот на капиталните инвестиции во БДП се движи од 2,5 до 3,7 проценти, кога реализацијата достигнува речиси 85 проценти. Оттука, дури и при оптимистичко планирање, процентот на реализација на капиталните инвестиции ќе биде помал како што уделот на капитални инвестиции во БДП го достигнува својот максимум – објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Од институтот укажуваат дека е потребна идентификација на ограничувањата на капацитетот за трошење на планираните капитални расходи, за да се зголемат реализацијата и ефектот врз економскиот раст. Оттаму истакнуваат дека и покрај фактот што беше воспоставен механизам за реалокација на средства од институциите со подреализација кон институциите со ефективна реализација на капиталните расходи, голем дел од подреализаторите добива значајно повисоки „капитални задачи“ со новиот буџет.
– Неопходно е Министерството за финансии да понуди подлабинска анализа за ефикасноста на механизмот за поттикнување на извршувањето на капиталните расходи, наместо само да го декларира неговото постоење. Исто така, потребни се подетална анализа и идентификација на проблемите со кои се соочуваат одделните институции при реализацијата на капиталните инвестиции – укажуваат од „Фајненс тинк“.