Економските штети од ограниченото размислување

Оваа година започна во услови на широко распространета потиштеност во врска со пандемијата на ковид-19 и светската економија, која се соочува со тешкотии, како и со предупредувањата за засилен политички конфликт во Источна Европа, Блискиот Исток и дури во САД. Сепак, постои надеж дека омикрон го навестува крајот на пандемијата. Но остануваат проблематични прашањата за економското и политичкото наследство од кризата.
Најновиот двегодишен извештај на Светската банка за светските економски перспективи укажува на некои можни одговори. Подготвен од тим на талентирани економисти, извештајот е еден од најдобрите прегледи на актуелните предвидувања за светската економија. Иако извештајот го користи дипломатскиот јазик на мултилатералните организации, тој сепак испраќа и силни предупредувања.
Најпрво, Светската банка предвидува дека светскиот економски раст ќе се сведе на 4,1 отсто годинава од ланските 5,5 отсто. Со зголемувањето на должничките оптоварувања, тесните грла во синџирот на снабдување што го попречуваат протокот на стоки и услуги и зголемувањето на инфлацијата, владите го губат капацитетот да обезбедат понатамошна фискална поддршка. Извештајот предупредува дека порастот на долгот предизвикан од државите што сакаат да ја ублажат „рецесијата предизвикана од пандемијата“ значи дека неколку економии сега се во „висок ризик од должничко оптоварување“, а на некои можеби ќе им биде потребно олеснување.
Извештајот исто така предвидува дека цените на енергентите, кои се зголемија во втората половина на 2021 година, дополнително ќе растат и тоа повеќе од тоа што го предвидуваше Светската банка пред шест месеци. Конечно, табелите со збирни статистички податоци во извештајот содржат многу интересни информации, особено за неодамнешниот раст на БДП на големите економии и прогнози за следните две години. Најбрзорастечки економии лани беа Аргентина со 10, Турција со 9,5 и Индија со 8,3 отсто. Но растот по падот треба внимателно да се протолкува. Голем дел од минатогодишниот раст само ја одразуваше длабочината на падот предизвикан од пандемијата во 2020 година, бидејќи економиите се навратија назад на нивните претходни нивоа на БДП. Во 2020 година, аргентинската економија се намали за 9,9 отсто, а индиската за 7,3 отсто, кои заедно со Мексико остварија најлош резултат таа година.

Обично новите пазари и економиите во развој, потпомогнати од нивната пониска база, растат побрзо од напредните економии. Но, според извештајот, прогнозите за нив до крајот на 2023 година се полоши отколку за напредните економии, бидејќи тие имаат ограничен простор за политики за да обезбедат дополнителна поддршка и се соочуваат со поголем ризик од брз пад на економскиот раст. Покрај тоа, темпото на економска обнова значително варира меѓу државите. Кога конечно ќе се смири состојбата, најверојатно ќе се види кој ќе биде губитник, а кој победник.
Една од главните причини за нееднаквата обнова повеќе е поврзана со политиката отколку со економијата. Од напредните економии како САД до оние во развој како Бразил, поддршката за агресивниот национализам нагло порасна во изминатите години и може да игра голема улога во тоа какви резултати ќе покажат овие економии. Иако постојат исклучоци, хипернационализмот обично е погубен за економиите на долги патеки. Тоа е така со причина, бидејќи агресивниот национализам води до надуени ега и поматено размислување. Државите кај кои е силно изразен се обидуваат да станат самодоволни со тоа што подигнуваат бариери за трговијата, капиталот и идеите што потекнуваат однадвор.
Типичен историски пример е Аргентина, која беше меѓу најбрзорастечките економии во првите неколку децении од 20 век и дури се очекуваше да ги надмине САД. Тоа се промени во 1930 година, кога воениот државен удар резултира со доаѓањето на претседателската функција на хипернационалистот генерал-полковник Хозе Феликс Урибуру. Царините последователно се зголемија заедно со бариерите за доселувањето. Отворената економија на Аргентина, која се затвори за светот, наскоро почна да стагнира, додека американската напредуваше.

Лекцијата денес изгледа уште порелевантна. Во еден глобализиран свет, со нови идеи и истражувања што се појавуваат насекаде, земјите што ќе подлегнат на националистичкиот солипсизам и ќе ги затворат нивните економии и општества, ќе бидат сè само не одлични. Едно од најизвонредните достигнувања на Индија по независноста беше тоа што нејзините основачи и раните мислители, како првиот премиер Џавахарлал Нехру и писателот Рабиндранат Тагоре, беа страсни поборници за отвореност кон светот на идеите. Тие се истакнаа не само во Индија туку и на светско ниво, со нивната посветеност да го апсорбираат најдоброто и да го поддржуваат заедничкиот човечки идентитет.
Во време кога креаторите на политиките се соочуваат со тековната криза со јавното здравје, а во некои случаи и со заканата од насилни превирања, земјите што подлегнуваат на хипернационализмот ги поставуваат темелите на сопствениот неуспех.

Авторот е поранешен главен економист во Светската банка и главен економски советник во индиската влада, а актуелно е професор на универзитетот „Корнел“ и надворешен соработник во институтот „Брукингс“